ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА
Германскиот фудбалски шампион Баерн загуби на домашен терен од Борусија Менхенгладбах, со 1-2, во натпреварот од 18-то коло сезонава, прв годинава, одигран без гледачи поради рестрикциите поради пандемијата на коронавирусот.
Роберт Левандовски со 20-от гол сезонава го доведе Баерн во водство во 18. минута, но потоа гостите постигнаа два гола за четири минути (27-та и 31-та) за пресврт и за победа. Баерн, кој настапи без повеќе фудбалери (деветмина отсутни поради ковид-19), со постигнатиот гол го израмни рекордот во германската Бундес-лига, со 65 првенствени меча по ред со барем еден постигнат погодок, поставен од Баерн во 2014 година.
Баерн, за кој не играа, меѓу другите, Мануел Ноер, Лукас Хернандез, Леон Горецка, Лерој Сане, Алфонсо Дејвис и Кингсли Коман, по 18 кола води со 43 бода, шест повеќе од второпласираната Борусија Дортмунд. Борусија Менхенгладбах скокна на 11-то место, со 22 бода.
Борусија Дортмунд во ова коло забележа драматична победа, со 3-2, на гостувањето кај Ајнтрахт, откако до 71. минута губеше со 0-2, а до 87-та со 1-2 (победничкиот гол го постигна во 89-та минута).