Освојувањето трофеј од кој било вид во сезона е неверојатно и тешко достигнување за која било екипа, но да се направи тоа без пораз, тоа е друго ниво. Селтик ја освои домашната тројна круна во 2017 година без загубен меч, но имаше пораз во ЛШ. Ајакс беше непоразен во домашното првенство и во ЛШ во сезоната 1994/95, но загуби во Купот на Холандија. Со освојувањето на титулата во Бундеслигата, Баер би можел да ги додаде Купот на Германија и Лига Европа и ако не загуби ќе направи сезона за паметење и за книгите на рекорди
ФУДБАЛ
Баер Леверкузен продолжува да испишува фудбалска историја. Тимот на тренерот Чаби Алонсо ја освои германската Бундеслига, стигна до првото европско финале по повеќе од две децении и е во најдолгата серија без пораз од почетокот на континенталните натпреварувања. По ремито 2-2 со Рома, Баер има 49 меча без пораз. Ова го надминува претходниот рекорд од 48, поставен од Бенфика предводена од Еузебио помеѓу декември 1963 и февруари 1965 година, пишува „Би-би-си“.
Нивната серија веќе беше рекордна за тим од една од најголемите пет европски лиги (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија), а ако продолжи со уште само четири средби, тогаш би постигнал веројатно едно од најголемите достигнувања во историјата на фудбалот – тројна круна без пораз, пишува „Би-би-си“. Со освојувањето на титулата во Бундеслигата, Баер би можел да ги освои Купот на Германија и Лига Европа. Тимот од Леверкузен во финалето на Лига Европа ќе игра со италијанска Аталанта, за прв европски трофеј по 36 години, а во Купот на Германија со Кајзерслаутерен.
Тимот на Алонсо во април, со ремито 1-1 со Борусија Дортмунд, со голот на Јосип Станишиќ во 97. минута, ја собори границата за најсилните европски лиги од 44 натпревари без пораз, поставена од Јувентус во мај 2012 година. Станишиќ го повтори подвигот до минута кога постигна гол за реми со Рома 2-2. Од 49-те меча без пораз во сите натпреварувања, тимот од Леверкузен има 40 победи. Тоа значи дека го надмина рекордот поставен од големата екипа на Бенфика во 1960-тите, што претходно беше најдолгата серија без пораз откако беа воведени континенталните натпреварувања како што е Купот на шампионите, подоцна Лигата на шампионите (ЛШ), пишува „Би-би-си“.
Освојувањето трофеј од кој било вид во сезона е неверојатно и тешко достигнување за која било екипа, но да се направи тоа без пораз, тоа е друго ниво. Селтик ја освои домашната тројна круна во сезоната 2016/2017 без загубен меч, но имаше пораз во ЛШ. Ајакс беше непоразен во домашното првенство и во ЛШ во сезоната 1994/95, но загуби во Купот на Холандија. Ако Баер сезоната ја заокружи без пораз, тогаш ќе направи сезона за паметење и за книгите на рекорди. Екипата на Алонсо е на само два меча без пораз во цела сезона на Бундеслигата и може да оди и на некои други значајни серии. Во најсилните европски првенства, Арсенал, на пример, имаше 49 првенствени меча без пораз, од мај 2003 до октомври 2004 година. Баер ќе треба да остане непоразен длабоко во следната сезона за да ја достигне таа граница, а понатаму да го надмине рекордот за врвните пет лиги, на Милан, кој со тренерот Фабио Капело не загуби во 58 меча по ред во Серија А, од мај 1991 до март 1993 година. Н.М.