Фото: ЕПА

Има и други тимови претенденти и фаворити за најдобрите осум, но, секако, се чувствуваме удобно, рече Унаи Емери, тренерот на Астон вила

ФУДБАЛ

Астон вила, европскиот фудбалски првак од 1982 година, кој годинава прославува 150 години од основањето, води по првите три кола во Лигата на шампионите, иако пред ждрепката беше сместен во четвртиот барабан. Тимот од Бирмингем забележа три победи и не прими ниту еден гол. Победите се остварени на дуели со екипи од првиот (Баерн, 1-0, дома), третиот (Јанг бојс, 3-0, на гости) и од четвртиот барабан (Болоња 2-0, дома). Во следниот период се и мечевите со Клуб Бриж (втор барабан, на гости), Јувентус (втор, дома), Лајпциг (прв, на гости), Монако (четврти, на гости) и со Селтик (трет барабан, дома).
– Ќе се фокусираме на секој натпревар. Како работиме во моментов, доаѓаме во добра позиција на табелата. Секако, го добивме првиот меч на гостувањето кај Јанг бојс, размислувавме за целта за следната рунда. Дури и ако победиме, зборувавме за дуелот со Баерн, можеме да добиеме уште една цел, за најдобрите осум. Завчера повторно беше предизвик, целта беше победа и размислувавме за тие три бода. Секако, ќе се фокусираме на следниот натпревар против Клуб Бриж. Ако ги задржиме истите перформанси што ги добиваме и така освојуваме бодови, секако дека можеме да ја смениме целта, да влеземе во најдобрите осум. Но, сакам да го чувствувам ова нешто како природен начин на кој работиме, а не како изненадување, затоа што имаме добри настапи. Има и други тимови претенденти и фаворити за најдобрите осум, но, секако, се чувствуваме удобно – рече тренерот Унаи Емери, пренесе „Скај спорт“.
Меѓу водечките осум по три кола има уште два тима што пред ждрепката беа сместени во четвртиот барабан, и тоа Монако (четврти) и Брест (петти), кои имаат по седум бода. Во таа водечка група се и три клуба од првиот барабан (Ливерпул девет бода, Манчестер сити и Интер, по седум) и по еден од вториот (Баер, седум бода) и од третиот (Спортинг, седум).

По одигрување осум кола, екипите на првите осум места на табелата директно ќе се пласираат во осминафиналето, а тимовите од деветтата до 24-та позиција ќе играат во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри тима сезонава.
Резултати, трето коло: Милан – Клуб Бриж 3-1, Монако – Црвена звезда 5-1, Арсенал – Шахтер 1-0, Астон вила – Болоња 2-0, Џирона – Слован 2-0, Јувентус – Штутгарт 0-1, Пари сен Жермен – ПСВ Ајндховен 1-1, Реал Мадрид – Борусија Дортмунд 5-2, Штурм – Спортинг 0-2, Аталанта – Селтик 0-0, Брест – Баер 1-1, Атлетико Мадрид – Лил 1-3, Јанг бојс – Интер 0-1, Барселона – Баерн 4-1, Салцбург – Динамо Загреб 0-2, Манчестер сити – Спарта Прага 5-0, Лајпциг – Ливерпул 0-1, Бенфика – Феенорд 1-3. Табела: Астон вила и Ливерпул по девет бода, Манчестер сити, Монако, Брест, Баер, Интер, Спортинг и Арсенал по седум, Барселона, Борусија Дортмунд, Реал Мадрид, Бенфика, Јувентус, Лил и Феенорд по шест, Аталанта пет, Штутгарт, Пари сен Жермен, Селтик, Спарта Прага и Динамо Загреб по четири, Баерн, Џирона, Милано, Клуб Бриж и Атлетико Мадрид по три, ПСВ Ајндховен два, Болоња и Шахтер по еден, Лајпциг, Штурм, Црвена звезда, Салцбург, Јанг бојс и Слован без бодови. Н.М.


Ристовски е прогласен за најдобар играч на мечот Салцбург – Динамо

Македонскиот фудбалски интернационалец Стефан Ристовски е меѓу 18-те фудбалери прогласени за најдобри на секој од мечевите во третото коло на Лигата на шампионите. Тој го доби признанието по победата на Динамо Загреб на гости кај Салцбург. Меѓу фудбалерите што ја добија наградата во ова коло се и, на пример, Винисиус Жуниор од Реал Мадрид, Флориан Вирц од Баер, Николо Барела од Интер, Рафиња од Барселона, Фил Фоден од Манчестер сити…, пишува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА), чиј панел од технички набљудувачи на секој натпревар го избира играчот на мечот. Н.М.


Три англиски тима водат, а сите заедно примија само еден гол

Англиските клубови се издвоија според ефектот по првите три кола во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако на првите три места се Астон вила, Ливерпул (двата тима со по девет бода) и Манчестер сити (седум). Згора, четирите претставника на Премиер-лигата во ЛШ сезонава на 12-те меча во трите досегашни кола примија само еден гол (Астон вила има гол-разлика 6-0, Ливерпул 6-1, Манчестер сити 9-0, Арсенал 3-0). Без примен гол по три кола се и Интер (5-0) и Аталанта (3-0).