ФК Вардар

Во фудбалскиот клуб Вардар во минатиот век продефилираа многу асови од поранешните југословенски простори, кои станаа дел од неговата историја. Голманот Драган Мутибариќ беше предводник на фудбалерите од другите републики и покраини од поранешна Југославија

ОД ФУДБАЛСКОТО МИНАТО (1)

Иако мина долго време, сеќавањата на големата вардарова фудбалска ѕвезда Драган Мутибариќ не избледуваат. Напротив, како што минува времето, тој сѐ повеќе се втиснува во историјата на најпопуларниот фудбалски колектив кај нас. Името на чуварот на мрежата на Вардар ќе биде забележано со златни букви, кои никогаш нема да потемнат. Нивниот блесок ќе ги потсетува сите љубители на фудбалот на голманот што во 1966 година на минатиот век дојде во Вардар и стана една од неговите најпрепознатливи личности. И не само кај нас туку и пошироко, на југословенските простори, па и на меѓународната сцена, бидејќи неколкупати застана на голот на југословенската репрезентација.
За незаборавниот и популарен Муто пишував во минатото, а снимив и емисија посветена на неговиот живот и кариера. Овој пат сакам да потенцирам уште неколку имиња што заслужуваат да бидат споменати кога се зборува или пишува за вардаровата историја. Мислам дека ќе биде добро постарите љубители на фудбалот да се потсетат повторно на нив, а младите иако не биле сведоци на времето кога тие ги бранеле боите на македонскиот фудбалски бренд, да ги сместат нивните имиња некаде во својата меморија, оти и тие многу придонесоа за севкупната афирмација на клубот што ги освои срцата на вистинските фудбалски вљубеници.

Хуго Рушевљанин

ВИЗИОНЕРОТ ХУГО РУШЕВЉАНИН

Вардар имаше по малку чудна и интересна историја, барем што се однесува до тренерските имиња. Ако го изземеме легендарниот вардаров фудбалер, потоа и тренер, а како што го нарекуваа често и „спасител“ на Вардар, Кирил Симоновски-Џина, имаше уште две тренерски имиња што не потекнуваа од Македонија. Првиот беше Илеш Шпиц, фудбалски стручњак со унгарско потекло, кој веднаш по Втората светска војна беше еден од втемелувачите на струката во Вардар, а вториот беше Хуго Рушевљанин, кој дојде од Нови Сад, каде што беше еден од водечките новинари во весникот „Маџар со“, кој излегуваше на унгарски јазик. Токму Рушевљанин беше оној вистински визионер што внесе многу новини и придонесе Вардар да застане на здрави нозе. Со неговото доаѓање во Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, почна една нова ера во животот на скопскиот клуб. Рушевљанин беше фудбалски образован и знаеше што му е потребно на клубот да оди напред. Со оглед на неговото потекло, кое влечеше унгарски корени, тој имаше можност да контактира и со тренерите од оваа земја, а добро знаеме што значеа Унгарците во 50-тите години од минатиот век, кога ги имаа големите асови со меѓународна репутација, како што беа Пушкаш, Кочиш, Грошич, Цибор и уште неколкумина истакнати фудбалери. Но и со фактот оти тој пред да дојде во Вардар беше во Партизан, а и во селекторскиот штаб на југословенската репрезентација од 1961 до 1964 година, заедно со Михајловиќ, Ловриќ и Ќириќ, каде што се стекна со големо искуство, кое знаеше да го пласира во својот натамошен фудбалски живот. Рушевљанин беше во југословенскиот стручен штаб и на СП во Чиле во 1962 година, каде што Југославија по поразот од Чиле со голот на Рохас во 90-та минута не успеа да стигне до бронзениот медал. Своевиден куриозитет беше и тоа што на кормилото на тогашната репрезентација се наоѓаа двајца селектори, Љубомир Ловриќ и Првослав Михајловиќ.

ПОВОЗРАСНИТЕ НАВИВАЧИ НЕ ГО ЗАБОРАВААТ ХУГО

Симпатизерите на Вардар и денес се сеќаваат на Хуго.Тој беше голем фудбалски познавач, кој од теоретски аспект беше еден од најпоткованите стручњаци во поранешна Југославија, па и во Европа. За да биде појасно колкава трага остави Рушевљанин во Вардар, само ќе споменам оти тој беше иницијатор да биде сменета дури и клупската боја, па наместо белата, таа беше заменета со црвено-црната (по урнек на бојата на Милан), со која вардарци и денеска настапуваат!
Ова е само еден детаљ што говори за тоа каков авторитет беше Хуго. Уште од тој момент стана јасно оти раководните луѓе на Вардар му даваат одврзани раце тој да учествува во креирањето и на севкупната политика на клубот. Дури во весниците се појавија многу позитивни текстови, кои го истакнуваа големото значење од доаѓањето на Рушевљанин во Вардар, кој беше многу привлечен и ценет од целата, не само фудбалска туку и спортска јавност во поранешна Југославија. Можеби поради таа популарност што ја имаше како македонски фудбалски бренд, сите сакаа да го почувствуваат „шмекот“ на скопскиот клуб и имаа желба да дојдат во него, како фудбалерите така и тренерите. Тоа беше време кога секој што беше инволвиран во работата на клубот, со гордост кажуваше оти му припаѓа на вардаровото фудбалско семејство. Ова го кажувам и од лично искуство, зашто кога бев генерален секретар на Вардар во 80-тите години на минатиот век, верувале или не, со желба да помогнат за што побрзо санирање на повредите на фудбалерите, беа вклучени дури десетина доктори, специјалисти во повеќе области.

ЈОЦИЌ И ЈЕЛИСАВЧИЌ – ПРВИТЕ ЛАСТОВИЧКИ

Ако во минатото Вардар беше најпосакуваната средина за талентираните македонски фудбалери, со доаѓањето на Рушевљанин клубот уште повеќе ја отвори вратата и за фудбалерите од цела Југославија. Интересно е да се спомене оти први што дојдоа од просторите на поранешната држава, неколку години пред Хуго, беа Србите Миле Јоциќ и еден од голгетерите во Првата лига Тихомир Јелисавчиќ. Двајцата се вгнездија во Вардар во 1956 година, а Јелисавчиќ толку се врза за Македонија, што по двегодишниот престој во Вардар, кога замина за Австралија, еден период беше тренер и на Македонија Престон. Подоцна стана селектор на австралиската репрезентација, со која за „влакно“, по поразот од Северна Кореја, не успеа да се пласира на СП во 1966 година во Англија. Потоа Јелисавчиќ две години беше на селекторската позиција и на репрезентацијата на Нигерија. Немирниот дух на крајот од кариерата, по сугестија и интервенција на Бора Милутиновиќ (Јелисавчиќ играше во Партизан, заедно со неговиот постар брат Милош), го одведе во Канкун во Мексико. Таму, месниот клуб од Третата го доведе на прагот на Првата лига, но, за жал, не дочека да го прослави успехот оти токму тогаш во сообраќајна несреќа на 57 години го загуби животот. Таква му била судбината на фудбалерот што во Вардар помина убави мигови и, како што велат неговите пријатели, секогаш со носталгија зборувал за Скопје и за Вардар.
Ете,тоа беше краткото сеќавање на фудбалерот што ја почувствува убавината на Вардар и на Македонија. Бора Милутиновиќ, со кого сум и личен пријател, ми кажуваше и за многу други моменти што ги дознал од популарниот Тико, а ги доживеал овде кај нас во средината во која беше ценет и почитуван.

ПЛЕЈАДА ФУДБАЛЕРИ ОД ЈУГОСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСТОРИ

Мислам дека ова кога се навраќам на минатото и споменувам ликови од фудбалскиот свет е убав момент да се потсетиме на сите оние што на краток или долг период продефилираа низ Вардар. Некои од нив се задржаа кратко, други подолго, а некои, на пример како Мутибариќ, целиот живот се тука меѓу нас. Кога веќе го споменав Муто, мора да го кажам и тоа оти, за жал, тој како да е заборавен од оние што во овие возрасни години требаше најмногу да му помогнат и да му го олеснат животот. Но тоа е нашата вистина и мана, најпрво да се воодушевуваме и до небо да ги издигнуваме спортските асови, а потоа, откако ќе ја напуштат спортската сцена, брзо да бидат заборавени, не од оние што ги обожаваа како спортисти, туку од институциите, кои требаше да покажат поголема грижа за нашите спортски легенди. А, сега се враќам на ФК Вардар и ги набројувам оние фудбалери што од другите простори на поранешната држава дојдоа да играат за македонскиот фудбалски бренд.
Еве ги тие фудбалери редоследно според годините во кои доаѓаа во Скопје: Владо Зеленика, Драган Лакиќ, Владо Вичек, Никола Рудиќ, Милан Живадиновиќ, Петар Дончиќ, Љубиша Тумбаковиќ, Сретен Ѓурица, Слободан Качар, Драган Богдановиќ, Мехо Бајрактаревиќ, Ибрахим Муратовиќ, Мирослав Драганиќ, Илија Савовиќ, Миодраг Радовиќ, Звонко Радиќ и голманите Бошко Кајганиќ, Деливое Шаренац и Драган Симеуновиќ.
За Лазар Плачков, Јован Дробац, Владимир Рац, Крсто Врбица и Душан Шуицa, ќе имам посебни текстови во следните понеделници.