Шакири беше еден од најдобрите наши фудбалери, кој ќе се памети најмногу по оној феноменален гол од корнер во Саутемптон. Тој во 72-та настапа за македонската сениорска репрезентација постигна 15 гола. Играше низ цела Европа, но Вардар секогаш беше неговиот фудбалски дом и отскочната штица за успешната меѓународна кариера
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (255)
Момчето од селото Ливада, Струшко, Артим Шакири, имаше успешен фудбалски пат и кариера за која може да му позавидат многу фудбалски мајстори. Тој беше еден од ретките фудбалери, кому му беше потребен само еден миг, за комплетно да го сврти вниманието на фудбалската јавност кон себе. Судбината сакаше тој пријатен миг да се случи токму во дуелот со големиот противник, Англија, и тоа на нејзин терен, на стадионот „Сент Мери“ во Саутемптон. На тој меч, кој беше еден од низата квалификациски за Европското првенство Македонија го изненади фудбалскиот свет играјќи со „Гордиот Албион“ нерешено 2-2, а голот на Шакири постигнат од корнер беше главна тема за дискусија меѓу фудбалските љубители, во тие есенски денови во 2002 година. Тоа беше гол за паметење, за незаборав, гол што придонесе сите во Македонија да се чувствуваме горди.
ЛЕГЕНДАРНИОТ СИМАН ВО НОКДАУН
Во денешно време, кога на фудбалскиот терен гледаме многу мајстории од врвните фудбалери, не е многу чудно да биде постигнат гол од корнер. Но ако тој гол од аголот е постигнат во еден меч со поранешен светски првак, и тоа на негов терен, и тоа во колепката на фудбалот, Англија, е тоа веќе може да се смета за вистинско ремек-дело.
Јас, пак, имав чест да го коментирам тој натпревар. На крајот, како впрочем и сиот наш народ, бев пресреќен што македонскиот национален тим одигра еден величествен меч. Тоа беше меч за незаборав. Радоста уште повеќе ја дополнуваше фактот што од тие моменти не само ние туку сите фудбалски љубители во Европа, па и низ светот го коментираа тој погодок на Шакири, кој го „фрли“ во нокдаун искусниот голман на Англичаните, Симан.
Тој момент навистина вреди да се опише.
Стадионот „Сент Мери“ беше исполнет до последното место. Тоа не е чудно и ништо невообичаено за англиски услови, особено кога настапува националната репрезентација. Откако го опишав сиот тој амбиент, ги изрецитирав и составите, а за да потенцирам и за кој град во Англија се работи, го кажав и она добро познатото (колку да ги потсетам гледачите) дека од пристаништето во Саутемптон, на своето последното патување исплови легендарниот „Титаник“, брод што се сметаше за вистинско ремек-дело и претставуваше висинска морска „грдосија“. Тоа ми беше како вовед во онаа непријатност што подоцна ја доживеа репрезентацијата на домаќинот, предводена од една од најмаркантните и најхаризматични фудбалски фигури во тоа време, Дејвид Бекам.
Навистина, на тој натпревар Македонија не победи, но извлече реми 2-2, кое за селекторот Ериксон и целата англиска фудбалска јавност беше рамно на пораз. Уште повеќе и поради фактот што од многуте интервјуирани граѓани на Саутемптон пред мечот, речиси повеќето од половината и не знаеја каде се наоѓа Македонија. Нам ни беше чудно и се прашувавме дали овде воопшто учеле географија. Имаше и такви погодувања, како на пример, Македонија е некаде близу Шпанија или таму некаде кон Русија или на автопатот Е-5! Сето тоа ни беше чудно и навредливо, па откако навивајќи за нашите, заедно со нив одвај издржав да го дочекам крајот со оној изненадувачки резултат 2-2, дочекав да го кажам она што во текот на целиот престој во Саутемптон тлееше во мене, па коментарот го завршив со зборовите: Ако до вечерва повеќето Англичани не знаеја каде е Македонија, сега ќе ги отворат атласите и ќе видат каде е таа држава чија фудбалска репрезентација им го загорчи животот. А јас оваа возбудлива фудбалска драма ја завршив со зборовите оти во овие мигови на славење, гордост и убаво е вечерва да си Македонец, овде на стадионот „Сент Мери“.
ШОК И „ШТАМА“ НА ТРИБИНИТЕ НА „СЕНТ МЕРИ“
Но сега одам на почетокот и на она што беше поента на сето погоре споменато, на голот постигнат од корнер. Коментарот течеше вака:
„Сѐ уште е 0-0. Нашите репрезентативци храбро влегоа во дуелот одлично се носат со противникот. Еве, сега треба да изведеме и корнер. Топката е во рацете на Артим Шакири, еден од нашите најстандардни и најквалитетни фудбалери. Тој е вистински мајстор за изведување удари од аголот, ја намести топката (јас занемувам и очекувам тој да го изведе ударот). Дојде и тој момент, ударот беше изведен, топката имаше едно убаво ефе и се забележа оти оди директно во аголот кон втората статива. Го очекувам крајниот епилог, а претходно со треперлив глас повторував, Шакири, Шакири… очекувам да видам каде ќе заврши топката, и со возбуда извикувам: Шакири, Шакири, гол, гол, гол, 1-0 за Македонија, каков резантен удар на Шакири… Гол, водиме, публиката е во шок и неверување. Селекторот Ериксон гледа во земја, а очите на голманот Симан лутаат којзнае каде. Збунет е, не очекуваше вакво нешто. Со забавени движења ја вади топката од мрежата“.
Нашите, сите се во прегратка… Мечот продолжи, Англија израмни, за ние повторно со ефектниот гол на Трајанов поведовме, за на крајот средбата да заврши без победник 2-2. За Македонија тоа беше еден од највредните фудбалски резултати и подвизи, а за гордите Англичани ремито беше разочарувачко.
Тактиката на нашиот селектор Никола Илиевски-Џиџи, за која ние новинарите претходно со сомнеж гледавме, беше извонредна. Излезе дека тој е во право, особено со начинот на кој ја постави одбраната.
Ете, тоа беше едно од моите најпријатни коментаторски доживувања, кое во последните 15 минути се претвори во отворено навивање, зашто почувствував оти ќе извлечеме поволен резултат, па ги бодрев нашите репрезентативци и имав чувство како и јас да сум на теренот. Ова беше навраќање на нешто убаво, на нешто што кај сите нас и денеска буди носталгични сеќавања.
ПОТОА СИТЕ ОЧЕКУВАА ГОЛ ОД КОРНЕР
Ова сето се случи во периодот кога Артим Шакири веќе не беше младото момче од Ливада, туку фудбалер што зад себе имаше изградено една убава кариера.
– И мене овој гол ми остана во најубаво сеќавање, па и натаму, што е и нормално, често се сеќавам на него. Но морам да кажам дека овој гол, верувале или, ми создаде и проблеми. Потоа, каде и да играв и ќе се подготвував да изведам корнер, публиката очекуваше погодок. Ако не успеев, а тоа речиси редовно се случуваше, таа како да беше разочарана. Но промашувањата како веднаш да се забораваа и на следниот натпревар кога требаше да изведам корнер повторно се создаваше атмосфера на исчекување. Некако тоа ме оптоваруваше, но и ме веселеше, зашто знаев оти сите погледи беа свртени кон мене. Е, да имав среќа повторно да погодам, ќе настанеше вистинска еуфорија – вели од оваа временска дистанца Шакири.
Шакири ја доживеа почетната афирмација во Караорман, а отскочна штица и негов дом му беше Вардар, зашто каде и да одеше, тој секогаш се враќаше во него. Во последните години од минатиот век насекаде беше баран, крстосуваше низ Европа и настапуваше за многу екипи во неколку земји. Играше во Шведска, Германија, Данска, Англија, Финска, Словенија, Албанија, Швајцарија, Турција, Бугарија и во Азербејџан. Во богатата кариера одигра 72 натпревара за сениорската репрезентација на Македонија, за која постигна 15 гола. Имаше забележителни настапи за младата репрезентација, до 21 година, во која беше и еден од главните стрелци.
Како активен фудбалер Шакири ја заврши кариерата во 2009 година. Потоа, тој се посвети на тренерската работа и беше на кормилото на екипи од Македонија, Албанија и од Швајцарија. За другите интересни моменти од кариерата на Артим Шакири ќе читате идната недела.
АРТИМ ШАКИРИ
Роден: во 1973 година во Струга
Кариера: ФК Динамо Ливада, Караорман, Вардар, Халмстад (Шведска), Тенис Борусија (Германија), Горица и Коротан (Словенија), Малатијаспор (Турција), ЦСКА (Бугарија), Вест Бромвич Албион (Англија), Олборг (Данска), Интер Турку (Финска), Вадуц (Лихтенштајн, играше во швајцарската лига), Шкендија, Беса Каваја (Албанија) и Карабах (Азербејџан), млада и сениорска репрезентација на Македонија
Успеси: Освоен Куп во Македонија со Вардар, во Словенија со Хит Горица и во Азербејџан со Карабах освоени куп и титула, 10 години репрезентативец на Македонија, 72 настапи за сениорскиот тим со 15 постигнати голови
Тренерска кариера: Шкендија Тетово, Фламуртари, Кукеши (Албанија), Шафхаузен (Швајцарија)