ФУДБАЛ
- Најважното летно пристигнување во клубот можеби беше најмалку впечатливо. Артета се сврте кон еден од своите најстари и најдоверливи сојузници, поранешниот дефанзивец на Аргентина, Пари сен Жермен, Реал Мадрид и на Манчестер јунајтед, Габриел Хајнце, личност што му беше како постар брат во ПСЖ, пишува „Би-би-си“
По три последователни втори места во англиската фудбалска Премиер-лига, Микел Артета бараше одговори за тоа што е потребно за да го претвори својот тим Арсенал во шампион? На тимот му требаше поголема длабочина. Менталитетот мораше да биде посилен. Клубот одговори со ангажман на осум нови играчи, но, сепак, најважното летно пристигнување можеби беше најмалку впечатливо. Артета се сврте кон еден од своите најстари и најдоверливи сојузници, поранешниот дефанзивец на Аргентина, Пари сен Жермен, Реал Мадрид и на Манчестер јунајтед, Габриел Хајнце, кој го замени асистентот Карлос Куеста, кој заминуваше, пишува „Би-би-си“. Артета и Хајнце првпат се сретнаа во ПСЖ во 2001 година под раководство на тренерот Луис Фернандез.
– Тие беа одлични момци. Беше задоволство да ги тренирам. Она што е одлично е што не се променија, целосно се исти денес, лојални, вредни луѓе. Кога гледам што прават во Арсенал, многу сум горд – вели Фернандез, кој го ангажира Артета од Барселона во јануари 2001 година и Хајнце од Валјадолид шест месеци подоцна.
Се чувствува многу добро што во овој клучен момент од тренерската кариера Артета се сврте кон личност што му беше како постар брат во ПСЖ, пишува „Би-би-си“. Артета имаше 18 години кога ја напушти својата татковина. Неодамна ги опиша своите 18 месеци во Париз како „искуство што ќе остане со мене засекогаш, кое го обликуваше тоа што сакав да бидам како играч и разгоре во мене нешто за да станам тренер“. Тимот на ПСЖ беше преполн со ѕвезди и силни личности. Освен со Хајнце, Артета делеше соблекувална со Роналдињо, Маурисио Покетино, Џеј-Џеј Окоча и со Николас Анелка. Првите месеци беа тешки за срамежливиот интровертен Артета, и покрај присуството и поддршката од неговите родители, пишува „Би-би-си“. Шпанските фудбалери во ПСЖ, исто така, помогнаа за полесна транзиција. Покетино, тогаш 28-годишен, го зеде Артета под своја заштита пред да пристигне Хајнце.
– Маурисио беше како татковска фигура. Габи беше поблиску до возраста на Микел и повеќе како брат – вели поранешниот дефанзивец на ПСЖ, Дидие Доми.
Хајнце е четири години постар од Артета, но имаше непосредна хемија помеѓу двајцата, пишува „Би-би-си“.
– Тие беа заедно на тренинзите, а поминуваа и време заедно надвор од теренот со своите семејства. Габи беше жесток натпреварувач и секогаш сакаше да биде подобар од својот противник. Микел беше повеќе елегантен играч со вистински технички квалитети – се сеќава Фернандез, кој го предводеше клубот до првата титула во лигата во 1986 година и го освои Купот на победниците на куповите како тренер една деценија подоцна.
Едуар Сисе инсистира дека дуото имало многу заедничко.
– И двајцата беа интензивни и страсни. Габи даде сѐ, дури и на тренинзите. Мораше да победи. Микел беше посмирен. Но знаевте дека не треба да го нервирате на погрешен начин – објаснува Сисе, кој играше со Артета во средниот ред на ПСЖ.
Хајнце ја внесе својата позната борбена природа во менаџерската кариера во неговата татковина со Годој Круз, Аргентинос Жуниорс, Велез Сарсфилд и Њуелс Олд Бојс, и во Атланта јунајтед во американската МЛС-лига. Во северен Лондон, Артета го насочува ентузијазмот на Хајнце, а „топџиите“ летаат.
– Тие се како два вулкана. Еден што еруптира повремено (Артета) и еден што еруптира постојано (Хајнце). Со сѐ што треба да управува, Микел не може постојано да им вика на своите играчи. Ви треба помош. Габи ќе го прави тоа секој ден на тренинг. Тоа е одлична комбинација. Микел заврши фантастична работа, но му треба помош за да го доведе својот тим преку линијата. Габи, преку неговата опсесија со победа, може да го направи тоа – вели Сисе.
Силниот дефанзивец, кој освои титули во Франција, Англија и во Шпанија и играше 72 пати за Аргентина, Хајнце, веднаш добива почит на тренинзите, каде што работи првенствено со одбранбените играчи, пишува „Би-би-си“.
– Габи живее за фудбал. Тој секогаш ја проучува играта, а особено работата на одбранбените играчи. Денес имате тренер за голмани, тренер за прекини, важно е да имате некој што ги тренира и одбранбените играчи. Секогаш можете да се подобрите. Работете на вашето позиционирање, одземање топка, дистрибуција. Тоа е местото каде што Габи може да помогне. Кога имате некој со неговото искуство и ви кажува нешто, слушајте. Сигурен сум дека ќе ги подобри тие дефанзивци – вели Фернандез, кој и денес останува во близок контакт и со Артета и со Хајнце.
Артета без двоумење му доверува на Хајнце такви клучни задачи. Двајцата делат врска што е многу подлабока од фудбалот.
– Силата на менаџерот лежи во неговата способност да се опкружува со луѓе на кои целосно им верува. Микел направи одличен избор. Габи е лојален. Тој е отворен, вистинска искрена личност и Микел знае дека ќе го поддржува секој ден – вели Фернандез, пренесе „Би-би-си“. Н.М.
































