ФУДБАЛ
- Тимот на тренерот Артета води во Премиер-лигата, финалист е во Лига-купот и четвртфиналист во Лигата на шампионите и во ФА-купот. „Динамиката и самодовербата се сѐ во фудбалот, а колку повеќе продолжувате да победувате, тој фактор на добро чувство на теренот очигледно навистина е добар за сите“, рече Рајс
Aнглискиот фудбалски премиерлигаш Арсенал може сезонава да освои ретка четирикратна круна откако стигна до четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), победувајќи го Баер со 2-0 дома, за вкупна победа со 3-1. Тимот на тренерот Микел Артета, исто така, води во Премиер-лигата со девет бода предност, игра со Манчестер сити во финалето на англискиот Лига-куп, в недела, и стигна до четврт-финалето на англискиот ФА-куп, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Фудбалерот од средниот ред Деклан Рајс беше прашан по натпреварот со Баер колку е возбуден Арсенал за можноста да освои четири трофеи во една сезона?
– Нема време да размислуваме за тоа што се случува. Само продолжуваме да играме натпревари и да се подготвуваме за натпреварите што е можно побрзо. Динамиката и самодовербата се сѐ во фудбалот, а колку повеќе продолжувате да победувате, тој фактор на добро чувство на теренот очигледно навистина е добар за сите – рече Рајс, пренесе АП.
Следен ривал на Арсенал во Лигата на шампионите е Спортинг, кој можеби го комплетира едно од најголемите враќања во историјата на натпреварувањето победувајќи го Бодо-Глимт со 5-0 за да го надмине поразот со 0-3 во првиот натпревар. Во ФА-купот, пак, Арсенал е извлечен да игра со второлигашот Саутемптон.
– Имаме динамика, чувствуваме дека можеме да победиме на секој натпревар што го играме. И тоа е добро што го имаме сега. Самодовербата е сѐ во фудбалот – рече Рајс, еден од стрелците на натпреварот со тимот од Леверкузен.
Рајс, исто така, имаше пофални зборови за Еберечи Езе откако неговиот силен удар од надвор од шеснаесетникот го отвори резултатот на дуелот со Баер. Англискиот фудбалер од средниот ред се етаблира во првиот тим по летниот трансфер од Кристал палас, пишува АП.
– Околу работ на шеснаесетникот, со левата и со десната нога, нема многу фудбалери што сум ги видел да шутираат подобро од него – рече Рајс, пренесе АП. Н.М.
АРСЕНАЛ СЕЗОНАВА
Премиер-лига води со девет бода предност
ФА-куп четврт-финале, игра со Саутемптон
Лига-куп финале, игра со Манчестер сити
Лига на шампионите четврт-финале, игра со Спортинг
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Спортинг – Бодо/Глимт 5-0 (0-3)
2. Арсенал – Баер 2-0 (1-1)
3. Челси – Пари сен Жермен 0-3 (2-5)
4. Манчестер с. – Реал М. 1-2 (0-3)
5. Барселона – Њукасл синоќа (1-1)
6. Ливерпул – Галатасарај синоќа (0-1)
7. Баерн – Аталанта синоќа (6-1)
8. Тотенхем – Атлетико М. синоќа (2-5)
во заградите се резултатите од првите мечеви од осминафиналето
Четврт-финале
А. Пари сен Жермен – Победник 6
Б. Реал Мадрид – Победник 7
В. Победник 5 – Победник 8
Г. Спортинг – Арсенал
Полуфинале
Победник А – Победник Б
Победник В – Победник Г
































