Тој рече дека целта е да се стави уште една ѕвезда на дресот. Зборуваше за НБА, дека историски најдобрите тимови вообичаено се тимовите во кои играчите се бодрат и имаат многу такви интеракции, рече дефанзивецот Ден Бурн. „Во фудбалот генерално, но можеби уште повеќе во меѓународниот фудбал, се работи за тимски дух“, изјави Тухел
ФУДБАЛ
Англиската фудбалска репрезентација ја почна ерата на селекторот Томас Тухел, некогашен тренер и на Борусија Дортмунд, Пари сен Жермен, Челси и Баерн, со кои освојуваше домашни и меѓународни трофеи. Англиската репрезентација единствениот голем трофеј го освои на Светското првенство во 1966 година. Претходникот на Тухел, Герет Саутгејт, беше најблиску до нов пехар, со тоа што ја одведе Англија во две финалиња по ред на европските првенства и во полуфиналето на Светското првенство во 2018 година. Ниту еден друг селектор на Англија не стигна до финалето на два големи турнира.
Тухел е човек во брзање. Тој има договор до Светското првенство со одговорност да води талентиран тим до успех, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Тој рече дека целта е да се стави уште една ѕвезда на дресот – рече дефанзивецот Ден Бурн, мислејќи на едната ѕвезда над грбот на Англија што ја претставува нејзината победа на Светското првенство во 1966 година.
На неговиот прв состанок со своите играчи минатата недела Тухел ги информира дека имаат само 24 тренинзи пред турнирот во САД, Канада и во Мексико. Тоа е незначително време за да се пренесе неговата визија во споредба со секојдневната рутина на работа со играчи на клупско ниво, пишува АП. Тухел има искуство со речиси моментално влијание. Кон крајот на јануари 2021 година тој го презеде тимот на Челси, кој беше деветти во Премиер-лигата. До мај, тој го претвори тимот во победник во Лигата на шампионите. Тој исто така ги освои титулите во француската лига со ПСЖ и германската титула со Баерн.
Саутгејт беше заслужен за создавањето клупска атмосфера во националниот тим, работејќи напорно за да се осигури дека нема поделби пренесени од клупските ривалства и подобрување на односот со медиумите. Тухел исто така сака да создаде „братство“.
– Тој зборуваше за НБА, дека историски најдобрите тимови вообичаено се тимовите во кои играчите се бодрат и имаат многу такви интеракции – рече Бурн.
Ветеранот од средниот ред Џордан Хендерсон е повикан поради неговите „лидерски“ квалитети. Играјќи за Ајакс во Холандија сега, тој наводно бил првиот играч што пристигнал во тренинг-кампот на Англија.
– Во фудбалот генерално, но можеби уште повеќе во меѓународниот фудбал, се работи за тимски дух, тоа е за градење тим што сака да игра меѓусебно, кој го пренесува духот до навивачите, до земјата, и се работи за градење братство – рече Тухел, пренесе АП. Н.М.