Според правилата, првопласираните четири екипи во првенствата на Англија, Шпанија, Италија и на Германија обезбедуваат директен влез во ЛШ. УЕФА доделува и по едно место за две земји со најдобар вкупен ефект во трите европски купа, а тимови од тие земји се во трка за трофејот во Лига Европа, што, исто така, може да обезбеди пласман во ЛШ
ФУДБАЛ
Англија, Шпанија, Италија и Германија и во идната сезона ќе имаат најмалку по четири тима во Лигата на шампионите (ЛШ), ако некоја од нив биде меѓу најдобрите две земји според вкупниот ефект на клубовите во сите три континентални купа сезонава, таа бројка ќе порасне на пет, но клубови од тие земји се во игра и за евентуално шесто место во Лигата на шампионите во идната сезона.
Според правилата, првопласираните четири екипи во првенствата на тие земји обезбедуваат директен влез во најсилното европско клупско натпреварување. Од минатата сезона Европската фудбалска унија (УЕФА) ги собира сите резултати на европските тимови во трите европски купа, Лигата на шампионите, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ) и на двете најдобри земји на крајот на сезоната им доделува по едно дополнително место во ЛШ за следната сезона. Пред осминафиналињата на таа табела на Европската фудбалска унија во водство се Англија со коефициент 20,892 и Шпанија со 19,035, а потоа следуваат Италија со 18,187, Португалија со 16.050, Германија со 16,045, итн.
Преку таа патека, сезонава во Лигата на шампионите настапија Болоња и Борусија Дортмунд, кои беа на петтите места лани во Италија, односно во Германија.
Но директен пласман во Лигата на шампионите од поодамна добива и победникот на Лига Европа. Ако новиот победник во Лига Европа во домашното првенство не биде на места што носат пласман во Лигата на шампионите, таа земја ќе има дополнителен учесник во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување.
Така, од Англија во осминафиналето на Лига Европа се Тотенхем и Манчестер јунајтед, од Шпанија ќе настапат Сосиедад и Атлетик Билбао, од Италија играат Рома и Лацио, а од Германија ќе игра Ајнтрахт. Некои од нив, на дванаесетина кола до крајот на фудбалските сезони во тие земји, веќе се на места на табелите во домашните првенства што обезбедуваат пласман во Лигата на шампионите. Н.М.