Фото: ЕПА

Англија ја одбрани титулата, а Вигман сега има три континентални трофеи по ред и стигна до финалето на сите пет големи натпреварувања (ЕП и СП) на кои учествуваше како селекторка

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Да се стигне до финалето на еден голем турнир е посебно. Да се стигне до финалето на сите пет големи турнири на кои сте биле селектор е извонредно. Само селекторката на англиската фудбалска репрезентација за жени Сарина Вигман го направи тоа, пишува „Би-би-си“. Холанѓанката ја предводеше Англија до втората европска титула по ред со неверојатна победа по изведување пенали на дуелот со светскиот шампион Шпанија по нерешениот резултат 1-1 во финалето на Европското првенство што се играше во Швајцарија.
– Рековме дека можеме да победиме на кој било начин и тоа е она што повторно го покажавме. Едноставно не можам да верувам, но имам медал околу вратот и имаме трофеј – рече Вигман по победата во Базел, пренесе „Би-би-си“.
Тоа значи дека Вигман освои три последователни европски првенства, откако тоа претходно го направи со Холандија во 2017 година, а потоа со Англија во 2022 и годинава. Таа е само втората селекторка што го постигнала овој подвиг откако Кристина Теун го стори тоа со Германија во 1997, 2001 и во 2005 година.
– Ова е најхаотичното европско првенство во кое сум била вклучена. Постојано размислувавме што треба да направиме за да му помогнеме на тимот. Заостанувавме во секој натпревар, четврт-финале, полуфинале, а сега и во финалето. Овој тим секогаш има верба, секогаш мисли дека може да се врати. И имаме играчи што се многу талентирани, инаку не би можеле да го направиме тоа. Заедништвото, борбата, вербата во овој тим се толку неверојатни, многу сум горда на нив – рече Вигман, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА).
Вигман е родена во Хаг, трет по големина град во Холандија, а била наставничка по физичко во средно училиште додека играла фудбал, пишува „Би-би-си“. Таа потоа стана капитенка на својата земја и имаше 99 настапи пред да се пензионира во 2003 година.
Вигман ја предводеше репрезентацијата на Холандија до титулата на Европското првенство во 2017 година на домашен терен и стигна до финалето на Светското првенство во 2019 година со својата матична земја, пред да го стори истото тоа со Англија во 2022 година на ЕП на домашен терен, во 2023 година на Светското првенство и во 2025 година на ЕП. Н.М.


ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ

Германија 8
Норвешка 2
Англија 2
Шведска 1
Холандија 1