ФУДБАЛ – РАНГ-ЛИСТА НА УЕФА
- За ранг-листата на УЕФА се сметаат сите резултати на клубовите во сите три европски купа. Најдобрите две земји ќе добијат по едно дополнително место во ЛШ. Тие две места сезонава ги добија тимови од Англија и од Шпанија, а минатата сезона, кога првпат беа воведени бонус-местата, од Италија и од Германија
Англија поведе и во новата континентална клупска сезона на ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА), според која, се доделуваат дополнителни места во Лигата на шампионите (ЛШ) за наредната сезона. По првите три кола во најсилното клупско натпреварување на УЕФА и во Лига Европа, како и две во Конференциската лига, Англија има коефициент 8,166 со кој е на првото место, пред Португалија со 7,6, Полска со 7,375, Германија со 7,285, Шпанија со 7,25…, по европските клупски мечеви одиграни до четвртокот.
За ранг-листата на Европската фудбалска унија се сметаат сите резултати на клубовите во сите три европски купа, и тоа Лигата на шампионите, Лига Европа (ЛЕ) и Конференциската лига (КЛ), како и пласманите на табелите и играњето во нокаут-рундите. Од водечките сезонава за Англија бодови собираат девет тима, за Португалија и за Полска по четири, за Германија седум, Шпанија осум…
Најдобрите две земји на крајот на сезонава ќе добијат по едно дополнително место во Лигата на шампионите за идната сезона. Тие две места сезонава ги добија петтопласираните тимови во фудбалските првенства на Англија (Њукасл) и на Шпанија (Вилјареал), а минатата сезона, кога првпат беа воведени бонус-местата, тоа беа екипи од Италија (Болоња) и од Германија (Борусија Дортмунд).
Сезонава има рекордни шест тима од една земја во Лигата на шампионите, и тоа од Англија (Ливерпул, Арсенал, Манчестер сити и Челси преку пласманот во домашното првенство, Њукасл преку дополнителните места на Европската фудбалска унија и Тотенхем како победник на Лига Европа од лани). Од Англија во европските купови настапуваат, исто така, рекордни девет тима, откако Астон вила и Нотингем форест се во Лига Европа, а Кристал палас е во Конференциската лига. Н.М.

































