Фото: ЕПА

Англија убедливо води и во трката за дополнително место во ЛШ за идната сезона, според вкупниот ефект во трите купа. Од најсилните пет домашни првенства во Европа, само Англија ја продолжува сезоната со сите клубови со кои ја почна лигашката фаза. Вкупно 26 земји ќе имаат претставници во нокаут-фазите на континенталните натпреварувања, а директно место во осминафиналињата обезбедија клубови од 13 земји

ФУДБАЛ – ПО ЛИГАШКАТА ФАЗА ВО ТРИТЕ ЕВРОПСКИ КУПА

Клубовите од Англија доминираа во реформираните три европски фудбалски купа сезонава, откако шест тима директно се пласираа во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и на Конференциската лига (КЛ), а два од нив ги освоија првите места. На оваа листа Шпанија и Италија се на второто место со по три тима. Вчера беа влечени ждрепките за плејофот за пласман во осминафиналето на ЛШ и на ЛЕ, а за КЛ двојките беа одредни во декември.
Така, од Англија, во најсилното клупско континентално натпреварување, Ливерпул (прво место во лигашката фаза), Арсенал (трето) и Астон вила (осмо) чекаат ривали во осминафиналето, Манчестер сити ќе игра во плејофот со Реал Мадрид. Во Лига Европа меѓу најдобрите 16 тима директно се пласираа Манчестер јунајтед (трето место) и Тотенхем (четврто), а во Конференциската лига Челси (прво место без загубен бод). Вкупно англиските клубови остварија 37 победи, девет ремија и осум порази.
Со ваков резултат Англија убедливо води во трката за дополнително место во Лигата на шампионите за идната сезона. Според правилата, Европската фудбалска унија (УЕФА) за идната сезона ќе им додели по уште едно директно место во Лигата на шампионите на двете земји со вкупно најдобар ефект во трите купа сезонава (два бода за победа, еден за реми, бонус-поени за пласмани…, поделено со бројот на клубови учесници). По комплетирањето на лигашките фази во европските клупски натпреварувања, Англија има коефициент 20,892, пред Италија со 17,312, Шпанија со 17,142, Португалија со 14,750, Германија со 14,671… Сезонава тие две места ги добија петтопласираните тимови во ланските првенства на Италија (Болоња) и на Германија (Борусија Дортмунд). Од најсилните пет домашни првенства во Европа само Англија ја продолжува сезоната со сите клубови со кои ја почна лигашката фаза.
Директно место во осминафиналињата сезонава обезбедија клубови од 13 земји, од Англија (шест), Шпанија, Италија (по три), Германија, Франција (по два), Грција, Шкотска, Португалија, Австрија, Шведска, Швајцарија, Полска и од Белгија (по еден). Во плејофот ќе има клубови и од Холандија, Норвешка, Романија, Турција, Чешка, Унгарија, Данска, Република Ирска, Кипар, Словенија, Исланд, БиХ и од Србија. Вкупно 26 земји ќе имаат претставници во нокаут-фазите на трите европски купа. Н.М.


ЛШ, ПЛЕЈОФ

1. Брест – Пари сен Жермен
2. Клуб Бриж – Аталанта
3. Манчестер сити – Реал Мадрид
4. Јувентус – ПСВ Ајндховен
5. Феенорд – Милан
6. Селтик – Баерн
7. Спортинг – Борусија Д.
8. Монако – Бенфика
мечевите се од 11 до 19 февруари

ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ
Победник 1 – Ливерпул или Барселона
Победник 2 – Лил или Астон вила
Победник 3 – Атлетико или Баер
Победник 4 – Арсенал или Интер
Победник 5 – Арсенал или Интер
Победник 6 – Атлетико или Баер
Победник 7 – Лил или Астон вила
Победник 8 – Ливерпул или Барселона
мечевите се од 4 до 12 март