Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ПРВО КОЛО

Во следното коло нема да има меч помеѓу тимови од првиот барабан, но на програмата се дуели на победници од првото коло, и тоа Борусија Дортмунд – Селтик, Астон вила – Баерн и Бенфика – Атлетико Мадрид

Првото коло на реформираната Лига на шампионите (ЛШ) донесе многу возбуда, одлична ефикасност (повеќе од три гола по натпревар), победи на ланските финалисти, Реал Мадрид и Борусија Дортмунд, од дебитантите триумфира Брест, а ремизира Болоња. Од земјите што имаат најмногу претставници во ЛШ сезонава, четири или пет, ниту еден меч не загубија тие од Англија, најмногу бодови освоија тимовите од Германија и од Франција…

Некои од фудбалерите што се истакнаа во првото коло се Хари Кејн, кој постигна четири гола за Баерн, стрелците на по два гола Џејми Гитенс за Борусија Дортмунд, Мајкл Олисе за Баерн и Флоријан Вирц за Баер, голманот Давид Раја од Арсенал, кој имаше извонредна двојна одбрана по изведен пенал…, пишува „Би-би-си“. Во следното коло нема да има меч помеѓу тимови од првиот барабан, но на програмата се дуели на победници од првото коло, и тоа Борусија Дортмунд – Селтик, Астон вила – Баерн и Бенфика – Атлетико Мадрид.

Тимовите што ќе бидат меѓу осумте најдобри по осум кола ќе се пласираат во осминафиналето, а оние од деветтото до 24-то место ќе се натпреваруваат во плејофот за влез меѓу 16-те најдобри тима сезонава. Клубовите што ќе бидат од 25-то до 36-то место ќе ја завршат европската сезона. Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека во случај две или повеќе екипи да имаат ист број бодови по осумте кола има 10 начини за одредување на пласманот, а прво што ќе се гледа е вкупната гол-разлика.

Резултати од првото коло: Јанг бојс – Астон вила 0-3, Јувентус – ПСВ Ајндховен 3-1, Баерн – Динамо Загреб 9-2, Милан – Ливерпул 1-3, Реал Мадрид – Штутгарт 3-1, Спортинг – Лил 2-0, Спарта Прага – Салцбург 3-0, Болоња – Шахтер 0-0, Селтик – Слован 5-1, Клуб Бриж – Борусија Дортмунд 0-3, Манчестер сити – Интер 0-0, Пари сен Жермен – Џирона 1-0, Феенорд – Баер 0-4, Црвена звезда – Бенфика 1-2, Монако – Барселона 2-1, Аталанта – Арсенал 0-0, Атлетико Мадрид – Лајпциг 2-1 и Брест – Штурм 2-1.

Двојки за второто коло: Салцбург – Брест, Штутгарт – Спарта Прага, Арсенал – Пари сен Жермен, Баер – Милан, Борусија Дортмунд – Селтик, Барселона – Јанг бојс, Интер – Црвена звезда, ПСВ Ајндховен – Спортинг, Слован Братислава – Манчестер сити, Шахтер – Аталанта, Џирона – Феенорд, Астон вила – Баерн, Динамо Загреб – Монако, Ливерпул – Болоња, Лил – Реал Мадрид, Лајпциг – Јувентус, Штурм – Клуб Бриж и Бенфика – Атлетико Мадрид.

Идната недела почнува новата сезона на Лига Европа, а од 2 октомври треба да почне и Конференциската лига, исто така реформирани, со по 36 клуба.