- Дали вештачката интелигенција навистина може да ја промени играта или луѓето што ќе научат да ја совладаат ќе бидат оние што ќе ја водат трансформацијата, пишува УЕФА
Вештачката интелигенција повеќе не е футуристички концепт во фудбалот, таа е тука, обликувајќи го начинот на кој клубовите ги анализираат перформансите, управуваат со договорите и идентификуваат таленти, но дали вештачката интелигенција навистина може да ја промени играта или луѓето што ќе научат да ја совладаат ќе бидат оние што ќе ја водат трансформацијата, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Ова прашање беше во фокусот на неодамнешната програма на УЕФА за елитни скаути. Учесниците дискутираа за предизвиците со ангажирањето фудбалери и како технологијата, особено вештачката интелигенција (ВИ), го преобликува начинот на кој скаутите ги идентификуваат и ги оценуваат талентите.
Директорот на сесијата Луис Кампос, поранешен скаут и тактички аналитичар на Реал Мадрид, а сега фудбалски советник на Пари сен Жермен, го сумира најтешкиот предизвик со кој се соочуваат скаутите, не само забележување на техничките способности туку и предвидување како играчот ќе се вклопи во идентитетот и во културата на тимот. Тоа е вештина што не може лесно да се замени со технологија.
– Најтешкиот дел од скаутирањето е проектирање на потенцијалот на играчот во нашата средина. Не станува збор само за тоа што можат да направат на теренот денес, туку и дали нивните квалитети се усогласуваат со филозофијата и потребите на мојот клуб – рече Кампос, пренесе УЕФА.
Кампос беше еден од тројцата директори на сесијата, заедно со Лес Рид и Пол Мичел, кои ги водеа првите две сесии.
– Вештачката интелигенција е дел од нашето секојдневно работење. Тоа дури и не е прашање. Сѐ што е мерливо е побрзо кога се прави со вештачка интелигенција отколку рачно. За големите и за помалите клубови помага да се биде побрз – вели Марко Отеро, технички советник на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Од автоматизирана видеоанализа до предвидливо моделирање, вештачката интелигенција може да ги забрза процесите што некогаш траеја со часови или со денови. За агентите, таа е еднакво трансформативна. Јаго Рама, фудбалски агент и поранешен член на Програмата на УЕФА за агенти на фудбалери, објаснува: „Почнав да ја користам вештачката интелигенција на различни начини, споредување договори, собирање информации од различни пазари. Таа ја прави мојата работа поефикасна“.
Сепак, и покрај нејзината брзина и прецизност, вештачката интелигенција има граници, пишува УЕФА.
– Да се биде добар скаут или тренер е уметност. Дури и ако податоците велат дека овој или оној играч е совршен, понекогаш интуицијата е помоќна. Вештачката интелигенција денес може да го измери само тоа што е бинарно, единици и нули, но фудбалот е полн со нијанси. Потенцијалот не е бројка, тоа е намера. А намерата живее во умот на играчот. Вештачката интелигенција не може да праша „која беше вашата идеја“. Тука човечкиот увид останува незаменлив, а вештачката интелигенција е алатка за да бидете поефикасни – објаснува Отеро, а Рама вели: „Вештачката интелигенција нема да го промени фудбалот, но луѓето што знаат како да ја користат ќе го сторат тоа. За скаутите, предизвикот е совладување на двата света, изострување на вашето око и интуиција, а воедно и користење на вештачката интелигенција за да ја направите вашата работа попаметна. Кога анализирате меч со вештачка интелигенција и барате десен бек, податоците може да ви кажат кој одговара на улогата. Но, вашата работа е да одите подалеку од бројките, да го забележите играчот што не блеска поради тактичките инструкции, но има квалитети да се истакне. Тоа е потенцијал, кој само човечкиот увид може да го види“, пренесе УЕФА.
Сличен пристап важи и за тренерите – вештачката интелигенција е заштедувач на време, а не менувач на играта.
– Компјутерите не го променија фудбалот, па ниту вештачката интелигенција нема да го промени. Бизнисот еволуира, но суштината на спортот останува иста. Ја користам вештачката интелигенција за да заштедам време и да се фокусирам на тоа да бидам почовечен. Ако трошам помалку време сумирајќи податоци, можам да поминувам повеќе време со играчот на теренот. Голема опасност е да се каже „вештачката интелигенција вели“. Вештачката интелигенција не може да биде креативна. Може само да го репродуцира она што веќе постои. Креативноста, искрата што ја менува играта, мора да доаѓа од човечкиот ум – вели Дамиен Дела Санта, кој работел како тренер на Лион и Ница, пренесе УЕФА. Н.М.

































