Анчелоти во клупската кариера има рекордни пет титули во Лигата на шампионите, трофеи во домашни првенства со клубови во Италија, Шпанија, Франција, Англија и во Германија и светски клупски титули
Карло Анчелоти беше претставен како нов селектор на фудбалската репрезентација на Бразил, на преполна прес-конференција во Рио де Жанеиро, и само за да се осигури дека нема илузии за неговата примарна задача, тој беше пречекан од двата претходни селектори на Бразил, кои ја освоија светската титула, Карлос Алберто Пареира од 1994 година и Луис Фелипе Сколари од 2002 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Сколари му рече на првиот странец по еден век што е селектор на Бразил: „Биди само ти, личноста што секогаш си бил и ќе победиш со Бразил. Сите ти посакуваме добро со Бразил, секогаш ќе те поддржуваме“, пренесе АП.
Италијанецот, кој има договор до крајот на Светското првенство во 2026 година, што треба да се игра во САД, Канада и во Мексико, го објави својот прв состав за квалификациските мечеви за Светското првенство идната недела со Еквадор и со Парагвај.
– За жал, имаме многу повредени играчи и не можат да бидат во националниот тим, како Нејмар. Бразил има многу талентирани играчи, а во конкретниот случај сметаме на Нејмар. Тој се врати во Бразил за да игра и за да се подготви за Светското првенство. Зборував со него за да му го објаснам тоа, и тој е целосно согласен – рече Анчелоти.
Анчелоти во клупската кариера има рекордни пет титули во Лигата на шампионите, во домашни првенства со клубови во Италија, Шпанија, Франција, Англија и во Германија и светски клупски титули, со Милан и со Реал Мадрид. Сега е селектор и има шанса да им се приклучи на Марчело Липи и на Висенте дел Боске, кои како тренери беа светски прваци и со клуб и како селектори со репрезентација, и тоа Липи со Јувентус и со Италија, а Дел Боске со Реал Мадрид и со Шпанија. Н.М.