Италијанскиот стручњак им бил тренер на повеќе од 40 бразилски играчи за време на клупската кариера

ФУДБАЛ

Бразилската фудбалска асоцијација (ЦБФ) објави историско соопштение дека Карло Анчелоти ќе ја преземе функцијата селектор на репрезентацијата, со што најуспешната селекција во историјата на светските првенства (СП) ќе биде раководена од првиот тренер што освоил домашни титули во секоја од петте најсилни европски лиги, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА), која разгледа неколку клучни точки за врските на Анчелоти со бразилскиот фудбал и за она што претстои во ова ново партнерство.
Нема да биде првпат странски тренер да ја преземе репрезентацијата на Бразил, откако тоа се случувало и порано, но на привремена основа. Португалецот Жорека ја презеде репрезентацијата за два натпревара со Уругвај во 1944 година. Бразил победи на двата меча. Аргентинецот Филпо Нуњез потоа го презеде кормилото за еден дуел во 1965 година, во она што беше уште еден необичен збир на околности: славенички натпревар за одбележување на инаугурацијата на стадионот „Минеирао“, каде што се играа мечеви на СП 2014, откако неговиот Палмеирас беше поканет да го презентира Бразил во нов на пријателски меч со Уругвај (победа со 3-0). Сепак, никогаш не се случило преземање на репрезентацијата во службено својство за квалификации за СП. Во текот на славната кариера Анчелоти никогаш не водел репрезентацијата.
Еден ден по поразот на Бразил од Хрватска во четврт-финалето на СП 2022, бразилската легенда Зико зборуваше со ФИФА за тој меч и за неговите размислувања за репрезентацијата. Додека разговараше за напредокот на Винисиус во Реал Мадрид, Зико ја изнесе идејата дека Анчелоти би бил добра опција за Бразил, дури и пред да почне да станува очигледен интересот на ЦБФ за Анчелоти, пишува ФИФА. Тој е пријател и со други бразилски легенди, особено со Пауло Роберто Фалкао, со кого ја освои италијанската лига со Рома во 1983 година.

За време на неговиот престој во Мадрид, Анчелоти работеше и со Родриго и со Едер Милитао. Заедно со Винисиус, тие се најновите примери од списокот со повеќе од 40 бразилски играчи што му помогнале да состави една од најимпресивните биографии во светскиот фудбал, пишува ФИФА.
Двајца играчи на таа листа се и двајца Бразилци што беа избрани за најдобри во светот додека беа под негово водство, и тоа Кака во 2007 година и Винисиус во 2024 година. Речиси две децении пред да слави со Винисиус, Италијанецот уживаше во слично искуство со Кака. Тоа беше негова втора титула во Лигата на шампионите. Првата беше во 2003 година, кога голманот Дида беше во неговиот стартен состав, од клупата влегоа централниот бек Роке Жуниор и левиот бек Сержињо, а неговиот тим имаше дополнително бразилско присуство во Ривалдо, плејмејкерот Леонардо и централниот бек Клејтон.
Од заминувањето на Тите во 2022 година, тројца бразилски тренери го водеа Бразил, привремениот тренер Рамон Менезес, Фернандо Диниз, кој го освои Копа либертадорес во 2023 година со Флуминенсе, и Доривал Жуниор, кој го освои истото натпреварување претходната година со Фламенго. Бразил во квалификациите за СП 2026 со 21 бод е четврти на табелата, место што носи директен пласман. Има уште четири кола, а Бразил има шест бода повеќе од Венецуела на седмата позиција, пишува ФИФА. Првата цел на Анчелоти во неговата нова улога ќе биде да обезбеди настап за Бразил на СП 2026. Н.М.