Поранешниот играч од средниот ред на репрезентацијата на Шпанија потпиша договор до 30 јуни 2028 година, а го наследува Италијанецот Карло Анчелоти, кој сега ќе стане селектор на репрезентацијата на Бразил
ФУДБАЛ
Шпански Реал Мадрид го назначи својот поранешен фудбалер од средниот ред Чаби Алонсо за тренер со тригодишен договор, објави „Би-би-си“. Алонсо, кој забележа 236 настапи за Реал Мадрид како играч, најави претходно месецов дека ќе ја напушти функцијата тренер на германски Баер на крајот од сезоната.
Поранешниот фудбалер од средниот ред на англискиот премиерлигаш Ливерпул и на репрезентацијата на Шпанија, Алонсо, потпиша договор до 30 јуни 2028 година, а на клупата на Реал Мадрид го наследува Италијанецот Карло Анчелоти, кој сега ќе стане селектор на фудбалската репрезентација на Бразил.
Алонсо, кој ја освои Лигата на шампионите како фудбалер на Реал Мадрид во 2014 година, ќе биде претставен како тренер на тренингот на Реал Мадрид денеска и ќе го предводи тимот на клупското Светско првенство, идниот месец во САД.
Претходно месецов Анчелоти го нарече Алонсо „еден од најдобрите во светот“, пишува „Би-би-си“. Алонсо лани го предводеше тимот од Леверкузен до нивната прва титула во Бундеслигата, обезбедена без загубен натпревар, како и во Купот на Германија во неговата прва цела сезона како тренер на клубот за време на сезоната 2023/2024. Баер не ја задржа титулата во Бундеслигата сезонава, завршувајќи на второто место зад Баерн. Н.М.