Швајцарските фудбалери Џердан Шаќири и Гранит Џака се извинија за прославата на головите против Србија на Светското првенство во Русија.
Џака и Шаќири своите голови ги прославија покажувајќи го албанскиот двоглав орел со рацете и така ја разбранува јавноста, особено кај нашиот северен сосед.
Сепак, сето ова не помина незабележано и во Швајцарија, па затоа беше свикана прес-конференција од страна на тренерот Владимир Петковиќ, а споменатите играчи, заедно со Штефан Лихтштајнер, се извинија за своите постапки.
– Би било глупаво ако го направам тоа повторно. Тоа нема да се случи повторно-рече Џака, на што се надоврза неговиот колега Лихтштајнер, кој рече дека „тој не сака со никој да се замерува“.
Новиот фудбалер на Ливерпул, Џердан Шаќири, исто така, се извини, но неговите зборови не звучеа премногу искрени.
– Добро, се извинувам ако некој се навредил додека го гледал натпреварот- рече Шаќири.
За потсетување, Србија во вториот натпревар од групната фаза на Светското првенство беше поразена од Швајцарија со 2:1, по водството во првото полувреме, но головите за швајцарската репрезентација ги постигна токму Џака и Шаќири.