На панелот на ИФАБ се разговарало и за правилото за офсајд и за најновите достигнувања со системот ВАР и идните иновации што би можеле да вклучуваат подостапни системи

ФУДБАЛ

Фудбалско-техничкиот советодавен панел (ФАП-ТАП) на Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) се согласи дека главните предложени принципи за дополнителна трајна замена на еден фудбалски меч поднесени од експертската група за потрес на мозокот треба да се истражат понатаму, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Во врска со дополнителниот протокол за трајна замена, ФАП-ТАП поддржа тест-натпреварите да почнат што е можно поскоро и предложи ИФАБ да размисли да ги одобри на претстојниот годишен состанок на 16 декември, кога ќе ја постави и агендата за своето годишно собрание на 6 март 2021 година, пишува ФИФА.
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) треба да почне со пробни натпревари за замена при потрес на мозокот за време на меч, во ФА-купот сезонава, пишува британскиот весник „Гардијан“. Според весникот, овие тестирањата се очекувало да бидат спроведени минатата сезона, но пандемијата на ковид-19 предизвика одложување на плановите.
Следејќи ги конструктивните повратни информации од организаторите на натпреварот низ светот за моментната употреба на опцијата со пет замени, ФАП-ТАП заклучи дека привременото правило треба да продолжи и дека во фокусот треба да останат влијанијата на пандемијата на ковид-19 врз фудбалот, за да може да се преземат соодветни активности во иднина, пишува ФИФА.

На панелот се разговараше и за правилото за офсајд, за потенцијалните опции што треба да се истражат за да се направи играта попривлечна и подинамична, пишува ФИФА. Беше јасно дека доколку треба да се разгледа некој конкретен предлог, тој ќе треба да биде применлив на сите нивоа на игра и лесен за аплицирање за официјалните лица на натпреварот, имајќи ја предвид динамичната природа на движењата на играчите. Беше договорено да бидат направени опширни испитувања пред да се предложи промена на правилото. На состанокот, исто така, се зборуваше за најновите достигнувања со системот видеопомошник-судија (ВАР), конкретно во врска со идните иновации што би можеле да вклучуваат подостапни системи, за да им се овозможи на организаторите на натпреварите со ограничени буџети да имаат пристап и да користат ВАР-технологија, пишува ФИФА.