Ваквите мерки може да продолжат и во наредните 12 месеци, за да се намали ризикот од ширење на коронавирусот, дознава британскиот весник „Телеграф“
ФУДБАЛ – АНГЛИСКА ПРЕМИЕР-ЛИГА
Плукањето, размената на дресови по натпревари, споделувањето шишиња со вода, па дури и славењето по постигнат гол се очекува да бидат забранети според новите протоколи во англиската фудбалска Премиер-лига, дознава британскиот весник „Телеграф“. Тие забрани би можело да траат и до 12 месеци, за следната сезона, за да се намали ризикот од ширење на коронавирусот. Ова дава повеќе увид во тоа како ќе изгледа „новото нормално“ во фудбалот.
Премиер-лигата се надева дека следната недела ќе открие нови дополнителни детали за тоа што е планирано, доколку, како што се очекува, премиерот Борис Џонсон ги намали ограничувањата, што ќе биде следниот голем чекор за враќање на спортот. Одлуката на Џонсон в недела ќе биде клучна за надежите фудбалот да ја заврши сезоната. Потоа, в понеделник треба да следува клучниот состанок на Премиер-лигата со 20-те клуба, на кој ќе се разговара за следните чекори и за тоа што треба да се договори.
За следната недела е планирана и средба меѓу Премиер-лигата и групата капитени, за да се објаснат идеите за враќање на тренинзите и потоа, кон средината на јуни, продолжување на натпреварите. Премиер-лигата ќе им го објасни својот план и на 20-те менаџери, а ќе бидат вклучени Здружението на професионални фудбалери и Здружението на менаџери, за да се постигне консензус.
Серијата од состаноци се смета за неопходна за подобрување на соработката потребна за фудбалот. Сите страни треба да се согласат со плановите и внимателно да размислат за нив.
Како и да е, клубовите и медицинските експерти веруваат дека строгите правила што ќе важат за тренинзите, на три-четири недели пред продолжувањето на натпреварите, ќе помогнат да се запознаат играчите со тоа како треба да се однесуваат. Плукањето, на пример, ќе биде забрането на тренинзите и, се чини, ќе се прошири и на натпреварите. Како ќе бидат спречени играчите да го прават тоа на натпреварите останува да се види и со какви казни ќе се соочат, без разлика дали тоа ќе биде едноставно предупредување од судијата или дополнителна казна.
Ова би требало да го официјализира Мајк Рајли, шефот на Судиската организација што ги надгледува судиите и претставниците на натпреварите, но за тоа уште не било дискутирано. Медицински експерти, вклучувајќи го и Мишел Д’Ог, претседател на медицинскиот комитет на Светската фудбалска федерација (ФИФА), веќе побараа забрана за плукањето, како дел од мерките потребни за да продолжат натпреварите. Забраната играчите да плукаат на тренинзите, како и да делат шишиња со вода, беше вклучена во документот на седум страници, подготвен од Премиер-лигата, во кој се утврдени протоколите како дел од „Проектот за рестартирање“. На играчите ќе им биде кажано дека ќе има промена на однесувањето на терените за време на тренинг и дека ќе мора да бидат многу подисциплинирани во однос на хигиената и на физичкото растојание.
Бундес-лигата прва ќе ја продолжи сезоната
Прекинатата сезона во фудбалската Бундес-лига може да продолжи во втората половина од мај, потврди канцеларката на Германија Ангела Меркел. Тоа ќе биде првата голема лига во Европа што ќе го продолжи шампионатот. Во Германија се забранети големите јавни настани до 24 октомври, па затоа натпреварите ќе се играат без публика.
– Би сакал да им се заблагодарам на политичарите што ја донесоа одлуката за завршување на сезоната во Бундес-лигата. Ова значи дека сѐ ќе биде одлучено на теренот. Апелирам до сите вклучени во фудбалот да ги почитуваат препораките што се основа за продолжување на сезоната, на исклучително дисциплиниран начин – рече претседателот на Баерн, Карл-Хајнц Румениге.