Пупаковски своевремено беше активен џокеј, кој имаше високи пласмани на многу турнири. По завршувањето на кариерата, продолжи да работи во матичниот клуб Илинден и повеќе од 40 години е инспиратор и организатор на традиционалните приредби на скопскиот хиподром

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (201)

Коњичкиот спорт има долга традиција во Македонија. Неговите почетоци датираат многу одамна, но вистинските активности во него, се разбира не во оваа денешна форма, почнаа по Првата светска војна. Во тој повоен период, кога населението во руралните средини, за разлика од денес, беше многу побројно, главни извори за егзистенција беа земјоделството и сточарството. За да си го олеснат своето секојдневие, во делот на сточарството посебно место заземаше негата за коњите. Ова беше од проста причина што тие се користеа најмногу за пренесување на земјоделските производи до пазарите во поголемите места и градови. Накратко кажано, тие беа главните „транспортери“ на производите, преку кои, пак, селските семејства ја обезбедуваа својата егзистенција. Но самиот факт дека коњот беше како дар од Господа за секое семејство, некако се наметнуваше и конкуренцијата меѓу одгледувачите на коњи, кое грло е поквалитетно, кое може да носи или влече поголем товар, а кое побрзо да трча. За да нема дискусии, кои понекогаш минувале и во пожестоки расправии, чиј коњ е поквалитетен и од повисока раса, се одржувале селски галопски трки низ природа, нешто како крос, на кои ќе се видело кој е кој. Победникот, кој ги добивал сите почести, станувал вистинска гордост на сопственикот.
Потоа, со изградбите на хиподромите, кои некогаш биле обични тревни ливади, дури и без трибини, само со означена патека, се одржувале атрактивните селски трки. За нив грлата се подготвувале со месеци и биле подложени на вистински тренинг. Така, ова интересирање за ваквиот вид натпревари се издигнува на повисоко ниво и добива посериозно значење. Тогаш во трките учествувала и „кавалеријата“, чии грла биле негувани во удобни штали и биле специјално подготвувани за натпреварите.

На овие наши простори почетоците на ваквите трки се регистрирани по Првата светска војна, а формирањето на клубовите, барем во Македонија, е по Втората светска војна.
– Првиот клуб е КК Илинден, формиран во 1952 година. Активностите се одвиваа во т.н. трет дел од Градскиот парк во Скопје, каде што беше изградена коњушница, а тренинзите се одржуваа пред неа и на некоја од тревните површини во паркот. Уште од детските години почнав да се занимавам со коњичкиот спорт и убаво се сеќавам на шталата, на негувачите на коњите, на терените на кои ги изведувавме тренинзите. Оние вистински активности во спортот, во кој сум и денес, беа по изградбата на Хиподромот во Маџари, по земјотресот во 1963 година. Оттогаш почнаа да се формираат и други клубови, со што беше создадена една здрава конкуренција, која даваше надеж дека и во овој олимписки спорт можеме рамноправно да се справиме со ривалите – вели доајенот на македонскиот коњички спорт Љупчо Пупаковски.

КОШОТ ОД МЛЕКАРОТ ПРИЧИНА ДА СТАНАМ ЏОКЕЈ

Интересна е приказната на Пупаковски за тоа кој бил поводот и како дошол во овој спорт, за кој во тоа време многумина и не знаеле дека постои, а во кој тој потоа стана алфа и омега, околу кого се вртеа сите активности.
– Откако се преселивме во куќа под Водно, секој ден кај нас и кај соседите доаѓаше еден млекар, кој со коњ, товарен со големи канти, разнесуваше млеко по куќите. Во прво време не обрнував внимание на млекарот, но како што минуваше времето, додека млекарот го преточуваше млекото во шишињата, јас сѐ почесто се вртев околу коњчето, кое имаше убава грива. Тогаш како да се роди љубов кај мене и посакав и јас да имам коњ, за да можам да јавам. Но бидејќи тоа не беше можно, единствено што ми остана беше со неколку мои другари во 1957 година да се зачлениме во КК Илинден. Уште од првиот момент, кога ги почувствував седлото и ритмичниот галоп на коњот, под будното око на тренерот, знаев дека ова ќе биде мојот спорт. Бев горд и ми беше чест кога пред другарите ќе се пофалев дека станав коњаник. Многумина беа зачудени, сакајќи веројатно да кажат „ покрај многуте други – каде го најде овој спорт, како влезе во него“. Но јас бев среќен, а мора да кажам оти џокеите во тоа време беа многу популарни. Ова веројатно беше последица од гледањето каубојски филмови, кои редовно беа на репертоарот на скопските кина. Така се „загреав“ за овој спорт, па преку коњот на млекарот, стигнав до КК Илинден, а преку него и до првите мои натпревари – раскажува Љупчо.
Ете, таков беше почетокот во коњичкиот спорт на еден од нашите, не само најпознати јавачи во минатите времиња туку еден од најголемите инспиратори на младите да се вљубат во овој спорт.

БЕЗ ПАЃАЊЕ – НЕМА ЈАВАЊЕ

Љупчо Пупаковски има многу доживувања на хиподромите низ поранешната држава, а и надвор од неа. Се сеќава на многу работи, кои и денес не бледнеат и се во неговата перцепција.
– Се сеќавам кога ќе дојдеше некој млад јавач, најчесто ќе прашаше: Може ли да се случи да паднам од коњот? Јас ќе се насмевнев и ќе му одговорев, тој што не се качил на коњ, нема шанса да падне, а тој што се качил треба да биде внимателен за да не падне. Потоа, откако младите коњаници ќе поминеа еден период на усовршување, осознаваа дека во она што им го кажував има голема вистина. Се случувало и најдобрите јавачи, поради мала деконцентрација или неусогласеност на ритамот со коњот, да паднат. Тоа често се случува и на натпреварите на кои настапуваат искусни и докажани џокеи. Затоа велам, тој што не се качил на коњ, нема шанса да падне – вели Љупчо.
Што се однесува до резултатите на Пупаковски, треба да се каже дека неговите почетоци беа успешни. Можеби тоа е причината што тој остана во овој спорт и не го напушти, како што тоа го правеа многу други деца, кои откако ќе се заситеа заминуваа во други спортови.
– Јас на првиот републички натпревар на кој настапив во 1962 година, со грлото Јадран го освоив второто место. Тоа беше голем поттик за мене, да продолжам со исто темпо да тренирам и да размислувам за следните натпревари. Коњот и паркурот едноставно ми станаа опсесија. Инаку, во тоа време се натпреварувавме во повеќе дисциплини, имаше галопски и касачки трки, а и натпревари во прескокнување пречки. Јас учествував на сите, но најмногу ме привлекуваа скоковите. Тука се фокусирав и ми причинуваше голема возбуда кога ќе се појавев на стартната позиција на паркурот. Во тоа време, инаку имаше многу добри јавачи, еден од нив, можеби и најголем ас меѓу сите нас беше, за жал покојниот доктор, познат кардиолог Јосиф Наумовски. Популарниот Јоцко до последните моменти од својот живот му остана верен на коњичкиот спорт. Тој и Димче Јосифовски имаат голема заслуга што, и покрај многуте проблеми, зашто се работи сепак за еден специфичен спорт, успеваа да го одржат и да постават одредени стандарди, кои беа речиси исти како во земјите во кои овој спорт беше многу поразвиен – вели тој.

ДВЕ ПРВИ МЕСТА СО ГРЛОТО ВРАГОЛАН

Зборувајќи за настапите на турнирите, Пупаковски особено се задржува на 1971 година, кога пред преполната трибина, на скопскиот Хиподром, на еден натпревар, со грлото Враголан освои две први места.
– Ова беше големо изненадување за сите, дури и за мене. Победите дојдоа како резултат на добрата хармонија и усогласеност меѓу мене и Враголан. Тој како да чувствуваше во кој момент што ќе му сигнализирам и во тој правец ги насочуваше чекорите за да го изведе скокот. Но тоа се ретки моменти да има толкава прецизност и усогласеност меѓу јавачот и коњот. По двете победи бев пресреќен, а аплаузот од другите учесници, инаку пред малку ривали на паркурот, на свечениот ручек во ресторанот на Хиподром, беше најголемата награда за мене и признание за постигнатиот успех – вели тој.
Меѓутоа, надвор од границите на Македонија беше нешто друго. Таму конкуренцијата беше многу посилна, зашто доаѓаа квалитетни натпреварувачи со грла „растени“ во познатите ергели, како што беше на пример Караѓорѓево.
– Овде беше тешко да се пробиеш меѓу челните. На пример, за мене беше голем успех кога на натпреварот во Нови Сад во 1980 година, организиран по повод „Новосадскиот саем“, се пласирав меѓу шестемина. Овој резултат, со оглед на конкуренцијата, за наши услови беше голем успех. Шестото место беше рамно на победа – продолжува Љупчо.
За другите моменти од кариерата на Пупаковски, како и за неговите ангажмани во организацијата на традиционалните коњички приредби во Македонија и маките за транспортот на коњите, ќе читате следната недела. Тогаш ќе прочитате и до каде се движат цените на најквалитетните грла во нашето опкружување, а пошироко и во светот. Тоа се речиси неверојатни суми.


ЉУПЧО ПУПАКОВСКИ

Роден: во 1947 година во Скопје
Кариера: Коњички клуб Илинден и репрезентација на Македонија
Успеси: Две победи со грлото Враголан на натпреварот во Скопје во 1971 година, меѓу шестемина најдобри на турнирот во рамките на „Новосадскиот саем“ во 1980 година, повеќе пласмани меѓу тројцата најдобри во Македонија
Кариера како функционер: член на претседателството на Коњичкиот сојуз на поранешна Југославија, инструктор и организатор на традиционалните приредби во Македонија