Маркос Љоренте пред реваншот на Атлетико Мадрид против Ливерпул во вториот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите немаше постигнато ниту еден гол во ова натпреварување, но во продолжението даде два гола за „јорганџиите“ да го елиминираат европскиот шампион во возбудлива завршница на мечот во кој гостите славеа со 3-2.
Ливерпул успеа да ја елиминира предноста од 1:0 која ја имаше Атлетико во регуларните 90 минути со голот на Георгинио Вајналдум, а работите изгледаа одлични за тимот на Јирген Клоп, кога Роберто Фирмино по само четири минути од продолжението постигна гол за 2:0, резултат кој ги водеше „црвените“ во четврт-финале.
Меѓутоа, само три минути подоцна голманот на Ливерпул, Адријан им „подари“ гол на гостите, откако ја прати топката директно кај Жоао Феликс, кој смирено го пронајде Маркос Љоренте, кој искористи уште една грешка на Адријан за да намали на 2:1, резултат кој го водеше Атлетико понатаму поради правилото гол-на-гости.
Во 106. минута, следуваше „нокаутот“ – Љоренте истрча убаво за да добие топка од Мората, и доби шанса за удар кој заврши во десниот долен агол на голот на Ливерпул за 2:2, што значеше дека „црвените“ ќе треба да постигнат уште два гола за да одат понатаму. Сол на раните на Ливерпул стави Алваро Мората, кој во 121. минута осигура Атлетико дури да стигне и до победа во мечот во кој многумина го отпишаа.