Клубот од Торино деветти пат едноподруго е државен првак, со што има една титула во низа повеќе од Баерн
Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус на две кола до крајот на сезоната, по победата дома над Сампдорија со 2-0, ја обезбеди деветтата последователна титула во Серија А. Јуве е единствениот тим во петте најсилни европски лиги со девет титули едноподруго, една повеќе од германскиот Баерн.
По девет титули во низа имаат уште шкотскиот Селтик и бугарскиот Лудогорец. Светски рекордер во оваа категорија е Тафеа, од Вануату, остров во Океанија, со 15 титули едноподруго. Линколн ред од Гибралтар и Сконто од Летонија, се европските рекордери со по 14 последователни титули. Од посилните лиги, зад Јувентус и Баерн, е францускиот Лион со седум трофеи во низа, од 2002 до 2008-та. Реал Мадрид пет пати едноподруго бил шампион на Шпанија, а Хадерсфилд, Арсенал, Ливерпул и Манчестер јунајтед по трипати во Англија.
Во рамките на петте најголеми лиги на Европа, Англија, Шпанија, Германија, Италија и на Франција, Јувентус е рекордер со 36 титули, две повеќе од шпанскиот шампион Реал Мадрид, пишува „Би-би-си“.
Кристијано Роналдо (35) веќе постигна 31 првенствен гол, од кои 10 по рестартирањето на сезоната (најмногу во Европа), и се израмни со Феличе Борел, кој во сезоната 1933/34 постигна исто толку голови за „старата дама“. Роналдо титулата им ја посвети на навивачите.
– Пресреќен сум поради освојувањето на втората титула и поради тоа што продолжуваме да ја градиме историјата на овој одличен и раскошен клуб. Оваа титула им е посветена на сите навивачи на Јувентус, особено на оние што страдаа и страдаат од пандемијата што нѐ изненади сите и што го преврте светот. Не беше лесно. Вашата храброст, вашиот став и решеноста беа силата што ни требаше во оваа неизвесна завршница да се бориме докрај за оваа титула што ѝ припаѓа на цела Италија. Голема прегратка за сите вас – напиша Роналдо на Инстаграм.