Со својот прецизен и силен удар Магдески беше страв и трепет за голманите, а со прецизните додавања беше вистински гениј. Настапуваше во генерацијата на Победа што остави силен печат, не само во прилепскиот туку и во македонскиот фудбал. Со аматерската репрезентација на поранешна Југославија стигна до златен медал на Балканијадата во Грција
Прилепскиот фудбал имаше многу мајстори, кои оставија силен белег во историјата на овој спорт во градот под Маркови Кули. Меѓутоа, една од најголемите ѕвезди што уште долго ќе зрачи и ќе нѐ потсетува на убавите фудбалски времиња, секако, е Јове Магдески. Тој беше фудбалер за кого немаше тајни, па, така, дури и во најсложените ситуации ќе најдеше решение, како на пример она кога од невозможна позиција од шеснаесетина метри биеше со „ножички“ во противничкиот гол и ја затресе мрежата. Гледачите со неверување го проследија овој потег на Јове, за подоцна да одекне силен аплауз наменет токму за него, за неговата мајсторија, со која покажа дека е навистина голем фудбалски маг.
За Магдески и денес, низ прилепската чаршија, меѓу фудбалџиите се раскажуваат неговите мајстории. Сите се согласуваат дека тој беше префинет фудбалер, со извонредно чувство за игра, чии топки имаа „очи“. Со еден збор, онаму каде што ќе беа упатени, таму и стигнуваа.
– Така велат, не знам, можеби тоа е вистина. Јас не правев ништо посебно, едноставно играта ме тераше на некои решенија, кои кај мене се јавуваа во еден миг. Така, речиси постојано се случуваше да упатам топка токму онаму каде што имаше некој мој слободен соиграч. Навистина бев прецизен во тоа и можеби затоа и денес се вели дека моите топки имале „очи“, знаеле каде одат – скромно вели за своите топки со „очи“ Јове Магдески.
ГЕНЕРАЦИЈА ЗА ПАМЕТЕЊЕ
Меѓутоа, факт е дека Јове Магдески имаше среќа да заигра во можеби најдобрата генерација што ја имаше прилепска Победа. Да се потсетиме на неа и ќе стане јасно зошто Јове можеше да се разигра и да оствари една волшебна фудбалска креација. Еве го тој незаборавен тим: Истатов, Мечев, Дрвошанов, Конески, Николоски, Арсов, Манески, Магдески, Глигороски, Ж. Ѓоргиоски и Митров. Ова беше една „стравотна“ единаесетка, во која секој блескаше на свој начин.
– Оваа постава, во која за мене откако заиграв за првиот тим во 1968 година, па до крајот на кариерата беше резервиран дресот со број осум. Се знаеше, осумката е за Магде и никој не смееше да ја гибне – вели тој.
И навистина беше така, насекаде каде што настапуваше Победа, Јове беше препознатлив по својот број на дресот. Некои, на пример во Бор, Заечар, Зрењанин или Чачак, можеби не го знаеја и неговото име, но со респект ги коментираа настапите на прилепската „осумка“.
Интересно е дека тогашниот тренер на Победа, Радовиќ, го уфрли Магдески во првиот сениорски тим со само 15 и пол години. Сите се чудеа на неговиот потег, но искусниот стручњак знаеше што прави. Тој уште на таа возраст ги препозна квалитетите на Магде и му даде шанса да заигра со многу повозрасните. Но тука се појави проблем.
– Поради годините, бев премлад за настап во првата екипа, па мораше да паузирам и да чекам барем уште една година, па со специјална лекарска дозвола да настапувам за првиот тим. Но иако немав право за настап, јас на тренинзите постојано бев со првотимците и го чекав вистинскиот момент да заиграм и да покажам колку вредам – вели тој.
ДЕБИ СО ПОГОДОК
Јове Магдески ја чекаше шансата, која конечно му се укажа во 1969 година. Заигра за првиот тим, и тоа случајно, што би се рекло по сила на условите. Повреден беше стандардниот првотимец Кире Мирчески, па требаше некој да го замени.
– Во тоа време тренер ни беше познатото југословенско фудбалско име Томислав Шијаковиќ. Тој пред натпреварот со Работнички ми пријде и ми соопшти да се подготвам зашто ќе заиграм во првата постава, на местото на повредениот Мирчески. Бев изненаден, но и среќен. Малку се возбудив, но си реков кога тренерот Радовиќ на 15 и пол години сакаше да ми даде шанса да заиграм за првиот тим, но правилата не го дозволуваа тоа, бидејќи бев многу млад, зошто да не заиграм сега? И не само што заиграв, туку на тој натпревар со Работнички, кој го добивме со 2-0, бев стрелец на еден гол. Мразот беше пробиен, од тие моменти станав стандарден и цели 13 години потоа ги бранев боите на Победа. Секогаш осумката беше резервирана за мене, до крајот на кариерата не ја сменив – се сеќава Јове.
Магдески имаше многу маестрални партии. Кога тимот ќе го зафатеше апатија, знаеше да ја крене атмосферата и да ги „разбуди“ соиграчите. Тој беше вистински водач, кој знаеше во кој момент како да реагира, за да ги изненади противниците.
– Кога многумина велеа дека сме аутсајдери, на пример кога игравме против ОФК Београд, кој често беше и во Првата лига, знаевме да изненадиме и да ги освоиме бодовите дури и на негов терен, на популарниот стадион на Карабурма во Белград. Истото тоа се случуваше со уште еден прволигаш, Будуќност од тогашен Титоград, сегашна Подгорица, или со Напредак од Крушевац. Со нас никој не можеше да биде сигурен дали ќе ги освои бодовите. Победа секогаш беше подготвена да направи чудо. Една година Победа му го загорчи животот и на Вардар. Токму поради поразот од нас со 0-2 Вардар не се врати во Првата лига. Тоа беше оној турбулентен период за скопјаните, кои по испаѓањето од Првата лига три сезони се мачеа да се вратат во елитата – се сеќава на тоа време Магдески.
БАЛКАНСКИ ШАМПИОН ВО ГРЦИЈА
Јове Магдески беше член на аматерската репрезентација на Југославија, која беше составена од фудбалери што настапуваа во Втората лига. Токму со таа репрезентација, за која Магдески одигра 30 натпревари, тој стана носител на златен медал од Балканијадата во Грција.
– Противник во финалето, пред повеќе од 20.000 гледачи, ни беше селекцијата на домаќинот. Грците многу ја посакуваа победата, зашто тогашна Југославија за нив беше „фудбалско име“. Но не им дозволивме да се радуваат, иако во својот состав имаа и неколку прволигашки фудбалери. Со голот на Томиќ од Риека ги совладавме со 1-0 и им го скративме славјето. Тогашниот тим на Југославија го предводеа Топлак и Тирнаниќ, а тука беше и Ото Бариќ, кој веќе беше тренер со меѓународна репутација – вели Магдески.
Според кажувањето на Магдески, ова беше еден од најубавите моменти во неговата кариера. Тогаш тој имаше понуди од повеќе југословенски тимови и кога сите помислуваа дека ќе замине, тој не можеше да ја напушти Победа, неговата најголема фудбалска љубов. До крајот остана верен на клубот од под Маркови Кули, иако имаше и многу други можности за уште поголема афирмација. Јове, едноставно, не можеше без Победа и без прилепската публика, која го исполнуваше стадионот „Гоце Делчев“, за да ги бодри своите миленици. Колку прилепчани „гореа“ за својата Победа говори и податокот што често на трибините имаше и по 20.000 гледачи. Затоа, не беше ни чудно што и во југословенските весници често ќе прочитавме дека Прилеп и Сплит, и таму секогаш имаше голема посета на натпреварите, се најфудбалските градови во Југославија. Со тоа прилепчани се гордееја, исто како што се гордееја со плејадата одлични фудбалери, меѓу кои беше и големата ѕвезда Јове Магдески, кој 13 години не се одделуваше од својата „осумка“.
ЈОВЕ МАГДЕСКИ
Роден: во 1953 година во Прилеп
Кариера: ФК Победа, аматерска репрезентација на Југославија
Успеси: златен медал од Балканијадата во Грција, 13 години стандарден, еден период и капитен на Победа
Со автобус на славење
По големата победа над Будуќност во Титоград (сега Подгорица) неколкумина фудбалери на Победа на интересен и несекојдневен начин ја прославија победата.
– Расположени по триумфот против фаворизираниот противник, седевме во ресторанот на хотелот „Морача“ и си ја славевме победата. Но веќе беше доцна и персоналот си замина. Немаше што да правиме, туку со автобус неколкумина играчи тргнавме во потрага по отворена меана. Верувале или не, ја најдовме дури во близината на Цетиње. Таму си останавме до мугрите и потоа расположени, здрави и живи, си се вративме во хотелот – вели Магде.
Шеф на стручниот штаб на Победа
Јове Магдески по завршувањето на фудбалската кариера заплови во тренерските води и пет години беше шеф на стручниот штаб на Победа.
– Пред да ја преземам оваа должност бев тренер и на младите и можам да кажам дека низ мои раце поминаа неколкумина квалитетни фудбалери, како Стојкоски-Манта, Наумоски, Здравески, Крстески, Најдоски, Но не сакав да бидам професионалец во фудбалот и затоа ја напуштив тренерската работа – вели тој.
Специјалист за слободни удари
Покрај прецизните додавања, Јове Магдески беше познат и по изведување слободни удари. Кога ќе дојдеше тој во ситуација да изведе удар, дури да беше тоа и од 30 метри, голманите се плашеа. А за неговите прецизни додавања и проигрувања де не зборуваме. Беше вистински фудбалски велемајстор.