Навивам и посакувам Аргентина да стане светски првак, најмногу поради Лионел Меси, вели Ѓоре Јовановски, тренерот на Работнички
Пријатно сум изненаден од квалитетот на прикажаните игри на првите натпревари во групната фаза на Светското првенство (СП) во Русија. Имаше доста добри мечеви, со завидна ефикасност, што е за пофалба, со оглед на фактот дека обично на претходните СП на првите мечеви главно се играше да не се загуби, попретпазливо, подефанзивно, вели Ѓоре Јовановски, тренерот на Работнички, кој со своите фудбалери моментално е на подготовки во Словенија.
Според Јовановски, мечевите од првата рунда покажаа дека на ова СП нема изразити фаворити и оти на следните натпревари се можни нови изненадувања, како порази, па и прерана елиминација на некои селекции што претендираат за највисок пласман.
– Пак се потврдува фразата дека „сите знаат да играат фудбал“, што се виде на средбите на, условно кажано, фаворитите на хартија против аутсајдерите, како па пример на бранителот на титулата, Германија, кој загуби од Мексико. Се мачеше, така да кажам, и Бразил против Швајцарија и Аргентина со Исланд. Факт е дека никој особено не отскокнува, повеќето селекции се со израмнет квалитет, и сметам дека ќе решаваат нијансите, индивидуален потег, добар или лош ден, можеби и малку спортска среќа. На тактички план нема ништо ново, ниту пак ќе има, сѐ е веќе видено, познато, испробано, елаборирано. Навивам и посакувам Аргентина да стане светски првак, најмногу поради Лионел Меси, кому му недостига уште една ваква титула во кариерата – вели Јовановски.
За употребата на системот видеопомошник-судија (ВАР), Јовановски има позитивно мислење.
– Јас отсекогаш бев заговорник за воведувањето модерна технологија. Се игра многу брзо, судиите на теренот не можат сѐ да видат и ваква помош им е добредојдена и не е на штета на темпото на играта, како што забележуваат некои. Додека се изведува слободен удар или се мести живиот ѕид, на пример, судијата има време да се консултира со колегите од студиото и да ја потврди или преиначи одлуката и никој да не биде оштетен – вели Јовановски.