Јирген Клоп

Најуспешен во оваа категорија е легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон, со 27 признанија за менаџер на месецот

Менаџерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп, е прогласен за најдобар менаџер на Премиер-лигата за јануари, петти пат сезонава, по август, септември, ноември и декември (во октомври признанието го доби Франк Лампард од Челси н.з.), со што го престигна досегашниот рекордер Пеп Гвардиола, кој четири пати беше прогласуван за менаџер на месецот во сезоната 2017/2018.

Минатиот месец тимот предводен од Клоп забележа пет победи во низа, над Шефилд јунајтед, Тотенхем, Манчестер јунајтед, Вулверхемптон и Вест Хем, и се зацврсти на врвот на табелата со 22 поена предност пред Манчестер сити. Со оглед на формата во која се наоѓа Ливерпул (прокнижи 24 победи и само едно реми досега), нема да биде изненадување доколку Клоп го добие ова признание во февруари, март или во април. Признанието се добива според гласовите од јавноста, односно навивачите (10 отсто), во комбинација со панелот фудбалски експерти.

Но кои се другите менаџери/тренери со најмногу вакви месечни признанија во Премиер-лигата што се доделуваат од сезоната 1993/1994. Досега 42 менаџери го имаат добиено ова признание двапати или повеќепати.

Најуспешен во оваа категорија е легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон, со 27 признанија, во исто толку сезони (од 1986 до 2013). Првото признание го доби токму тој, во август 1993, а последното, 27-то, во октомври 2012.
Втор со 15 награди е менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, повеќето во трофејните години на „топчиите“, во доцните 1990-ти и раните 2000-ти години, а потоа во февруари 2011 и 2012, во септември 2013, во март 2015 и во октомври 2015.
По малку изненадувачки, но трет со 10 признанија е Дејвид Мојес, сегашниот менаџер на Вест Хем, кој наградите ги доби како менаџер на Евертон, на чија клупа беше од 2002 до 2013.

Следуваат Пеп Гвардиола и Рафаел Бенитез, со по шест Сем Алардајс и Боби Робсон, со по пет Кевин Киген и Клаудио Раниери итн.
Големо изненадување, секако, е што Жозе Мурињо има добиено само три вакви признанија, иако со Челси трипати бил шампион на Премиер-лигата! 


Хет-трик од рекорди за Агуеро

Аргентинецот Серхио Агуеро, напаѓачот на Манчестер сити, е најдобриот играч за јануари во Премиер-лигата, периодот кога на три меча даде шест гола. За него ова е седмо вакво признание, најмногу од сите фудбалери во историјата на Премиер-лигата. Првото го доби во октомври 2013, потоа во ноември 2014, во јануари 2016, април 2016, јануари 2018, февруари 2019 и последното, во јануари годинава.
Со тоа, Агуеро ги надмина досегашните корекордери во оваа категорија, Стивен Џерард (Ливерпул) и Хари Кејн (Тотенхем), кои по шест пати беа избирани за играчи на месецот. Агуеро минатиот месец собори уште два рекорда во Премиер-лигата. Тој стана најдобриот стрелец од странство во историјата на Лигата (180 гола), надминувајќи го францускиот интернационалец Тиери Анри од Арсенал, кој имаше дадено 175 гола. Потоа, Агуеро го забележа и 12-от рекорден хет-трик, еден повеќе од Алан Ширер.