Ѓоко Стојановски најубавите фудбалски години ги помина во тимот на скопските „железничари“, во кој и неговиот татко Благоја испиша историја. Речиси 500 одиграни натпревари, а речиси исто толку истрчувања имаше на зелениот терен и како судија. И денес времето го минува како технички секретар на популарниот клуб

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (199)

Низ ФК Работнички од неговото формирање во 1937 година, па до денес помина една плејада фудбалери што ја испишуваа историјата и ја пренесуваа славата на клубот од познатото скопско Дебар Маало. Секој од нив оставаше понекоја трага, па, така, нивните имиња и денес се споменуваат и остануваат запишани во архивите на клубот. Тие ќе сведочат за едно време во кое секој од нив остави силен печат и вложувајќи се себеси придонесе Работнички да живее и да стане фудбалски синоним, не само за Дебар Маало туку и за Скопје и Македонија.
Има примери кога по повеќемина од едно семејство членуваа, не само во фудбалскиот клуб, туку воопшто во целото железничарско спортско друштво Работнички. Во оваа пригода би ги споменал семејствата Петровски, Андреевски, Луковски, Стојановски, а ги има уште, зашто секое дете од Дебар Маало сакаше да спортува, па, така, тргнувајќи по стапките на дедото, таткото или постариот брат, нормално и тоа стануваше дел од големото спортско семејство.
Овој пат ќе се задржам на семејството Стојановски. Ова не е без причина, зашто многумина од симпатизерите на ФК Работнички знаат дека ова семејство имаше две личности што навистина многу дадоа за опстанокот и за афирмацијата на клубот. Таткото Благоја, може слободно да кажам, дури и целиот живот му го посвети на ФК Работнички и сѐ до напуштањето на животната сцена во 2002 година му остана верен на клубот. Колку неговата верност беше голема говори и неговиот самопрегор, кога успеа да ги убеди сите клубови во Македонската лига, во времето на претседателствувањето на Љубисав Иванов, Работнички и покрај тоа што испадна од Втората лига, со оглед на богатата историја и традиција, сепак, да остане. Ова беше можеби преседан и единствен случај во македонскиот фудбал, но тоа е вистина. Одејќи од клуб до клуб, Благоја успеа да ги собере нивните гласови, па, така, сите со консензус ја поддржаа иницијативата на Работнички.
Фудбалската федерација им излезе во пресрет на клубовите и го „скрои“ распоредот, според новонастанатата ситуација. Имено. бидејќи во МФЛ беа тек екипи, по една од нив во секое коло паузираше.

СИНОТ ПО СТАПКИТЕ НА ТАТКОТО

Во една таква ситуација, кога беше искажана максималната љубов кон клубот, и неговиот син Ѓоко не можеше да оди по друг пат, освен татковиот.
– Кај мене ситуацијата во почетокот беше поинаква. Со оглед на тоа што месниот ривал и лут противник Вардар имаше разработена фудбалска школа, во која тренери беа поранешните фудбалери Дончевски и Божиновски, јас со другарите од маалото станав вардарец. Дома никој ништо не ми префрли, само го чекаа моментот кога ќе речам дека јас, сепак, му припаѓам на Работнички и ќе одам во клубот, во кој татко ми работеше како вистински ентузијаст повеќе од 50 години, почнувајќи од 1945 година. Така, кога веќе бев планиран и за првиот тим на Вардар и бев на подготовки, го напуштив друштвото од мојата генерација во кое беа Кочо Димитровски, Ванчо Спасовски, Алексо Мацков, Ико Атанасовски, Баже Димитровски и други. Иако веќе со „половина нога“ бев во сениорските тим, сепак, сметав дека во Вардар тешко ќе заиграм, зашто тука имаше прекалени фудбалери како Мето Спасовски, Сократ Мојсов, Драган Мутибариќ, Диме Георгиев, Атанас Мечкаров, Баже Анчевски, Јосиф Сребров, Јован Дробац, Ванчо Балевски, Влаимир Рац, Крсто Врбица, а од оние со кои почнав да тренирам од пионерските денови во првиот тим сериозно се наметнаа и Кочо Димитровски и Ванчо Спасовски. Во една ваква конкуренција ми стана јасно дека ќе треба долго да чекам за да го облечам првотимскиот дрес и затоа решив кариерата да ја продолжам во Работнички, во кој сум еве и денес. Иако не инсистираше, татко ми очигледно беше задоволен што се решив на еден ваков потег. Така, 1970 година и двајцата станавме дел од саканиот клуб, во кој јас требаше да се изборам за првотимскиот дрес, а тој си продолжи со својата работа како еден од главните организатори на сите активности во ФК Работнички – потсетува Ѓоко.

ДЕСЕТ ГОДИНИ СТАНДАРДЕН ПРВОТИМЕЦ

По доаѓањето во тимот на „железничарите“, практично почнува оној вистински фудбалски живот. Со оглед на тоа што имаше одлична подготовка минувајќи низ рацете на познатите тренери во вардаровата школа, Ѓоко Стојановски веднаш заигра за првиот тим.
– Според способностите, а и физичката конституција, најмногу ми одговараше местото на „двоен“ центархалф. На оваа позиција најдобро се снаоѓав и тука, извршувајќи ги претежно дефанзивните задачи, бев незаменлив цели 10 години. Инаку, Работнички во тој период имаше навистина еден силен тим. Тука беа Гелебешев, Тодровски, Сетинов, Цубалевски, Анчевски, Б. Николиќ, Т. Богоевски, Ѓ. Димитровски, потоа Шумантев, Костенчев и уште неколкумина, кои „гиневме“ бранејќи ги боите на клубот. Јас на позицијата на која играв најчесто бев во друштво на уште двајца дефанзивци, кои одлично ја извршуваа улогата на прв центархалф – Баже Димитровски и Јастре Јаневски. Овие фудбалери, со мали исклучоци, бидејќи во меѓувреме некои заминаа од клубот, го одигравме оној меч за паметење против прилепска Победа во рамките на Втората лига исток. Иако се играше во претпладневен термин, од 10 часот, на Градскиот стадион во Скопје имаше повеќе од 20.000 гледачи. Тогаш предводени од Мирослав Червенски бевме вистински хит и ја совладавме Победа со 6-2. Тоа се случи во сезоната 1974/1975, во која по првите шест кола бевме на лидерското место. Но конкуренцијата беше исклучително силна и не можевме докрај да се избориме за првото место – вели Стојановски.
Ѓоко Стојановски во меѓувреме оди на отслужување на воениот рок во Кичево, каде што заигра и за Напредок.

– Така ја одржував формата, а носам и убави спомени од овој град, во кој и денес со задоволство навраќам. Кога се враќам во мислите кон минатото, покрај оној меч со Победата, особено ми останаа во сеќавање уште две средби. Едната беше со Раднички во Пирот, кога предводени од Томче Филиповски ги прегазивме пироќанците со 3-0, а втората кога во Скопје доживеавме пораз од ФАП од Прибој, за кој настапуваше и познатото фудбалско име Хасанагиќ. Од исходот на оваа средба зависеше дали ќе го зачуваме втопролигашкиот статус. Но ние како да немавме сили да се носиме рамноправно и бевме поразени. За тој меч, кој на крајот заврши со голем инцидент, пишуваше сиот југословенски печат. Тоа навистина не беше пријатно за нас, како клуб со име и со традиција, но ете група неодговорни навивачи што не можеа да се помират со испаѓањето од лигата, влегоа на теренот и ги нападнаа противничките фудбалери. Овој немил настан фрли црна дамка кон Работнички, но и кон македонскиот фудбал. Ние жалевме што дојде до инцидентот и им се извинувавме на противничките играчи, но тоа не можеше да го покрие срамот што го доживеавме. Сепак и тоа помина, а по извесно време и се заборави, зашто низ поранешната држава имаше многу настани, кои се редеа како на филмска лента и ги фрлаа во заборав оние претходни случувања – продолжи Стојановски.
За другите моменти од кариерата на Ѓоко Стојановски ќе читате идната недела, кога ќе стане збор и за неговата богата кариера како фудбалски судија. Тој и тука беше успешен и дури 494 пати ја делеше правдата како главен или како помошен судија, во сите конкуренции, од Македонска, преку Првата и Втората сојузна лига, па до завршните натпревари во Купот на Југославија, а потоа и во Купот на Македонија.


ЃОКО СТОЈАНОВСКИ

Роден: во 1951 година во Скопје
Кариера: Вардар, Работнички и Напредок од Кичево
Успеси: Стандарден во Работнички во Втората лига исток, една титула во МФЛ, одиграни близу 500 првенствени и куп-натпревари
Кариера како судија: Финале на куп на Македонија во 1996 година (Вардар – Слога Југомагнат), помошен судија на финалето на Купот на Југославија во 1980 година, Партизан – Вележ, 6-1, како судија има 494 арбитражи, од нив на 295 натпревари бил главен судија