Трите најскапи трансфери летово со над 100 милиони евра ги направија Атлетико, Барселона и Реал, кои за купопродажба на фудбалери потрошиле вкупно над 800 милиони евра, за Феликс, Гризман, Азар, Јовиќ, Де Јонг…
Во фудбалска Европа заврши летниот преоден рок (во Англија порано, уште на 8 август, пред првото коло од новата сезона), а финансискиот епилог е дека се потрошени помеѓу 3,62 и 5,73 милијарди евра (според различни извори) за трансфери. Станува збор за потрошени пари за нови фудбалери во петте најсилни лиги во Европа (Англија, Шпанија, Италија, Германија и Франција).
Трите најскапи трансфери летово, „тешки“ над 100 милиони евра, ги направија шпанските клубови. Атлетико повеќе од половината потрошени пари за трансфери (вкупно 247 милиони евра), вложи за тинејџерот, 19-годишниот Жоао Феликс од Бенфика (126 милиони). Барселона за Антоан Гризман, кој пристигна од Атлетико, плати 120 милиони, а Реал Мадрид за Еден Азар, напаѓачот на Челси, 100 милиони евра.
Дел од парите за Феликс, Атлетико врати со продажбата на бекот Лукас Ернандез во Баерн, за 80 милиони евра. Ајакс, пак, направи два крупни трансфера вредни 150 милиони евра, со Френки де Јонг во Барселона и со Матијас де Лихт во Јувентус (двајцата по 75 милиони). Во категоријата „мегатрансфери“ би можеле да се сместат и зделките на Манчестер јунајтед, со Хари Мегваер, кого го купија од Лестер за 87 милиони евра, и со Интер, на кој за 80 милиони евра му го продадоа Ромелу Лукаку.
На листата клубови-трошаџии предничат шпанските гиганти, најтрофејниот со 13-те титули првак на Европа, Реал, актуелниот првак, Барселона и Атлетико. „Кралевите“ летово за трансфери на фудбалери потрошија вкупно 305 милиони евра. Најмногу за Азар (100 милиони), потоа за Лука Јовиќ од Ајнтрахт (60 милиони), Едер Милитао од Порто (50 милиони), Ферлан Менди од Лион (48 милиони) и за Родриго од Сантос (45 милиони).
Барселона не успеа да се договори со ПСЖ за враќање на Нејмар на „Ноу камп“, што веројатно ќе беше нов рекорден трансфер, но, и покрај тоа, Каталонците летово потрошија 255 милиони евра. Најголемиот дел од тие пари, речиси 200 милиони евра, беа дадени за двајца играчи, за Гризман и за Де Јонг. Преостанатото отиде за Нето од Валенсија (26 милиони) и за Жуниор Фирпо од Бетис (18 милиони).
Атлетико, освен за Феликс, издвои пари за Маркос Лјоренте од Реал (30 милиони), за Марио Ермосо од Еспањол (29 милиони) и за Киран Трипие од Тотенхем (22 милиони).
Потоа следуваат два италијански клуба, првакот Јувентус и Интер. „Старата дама“, која последниве осум години доминира во Серија А, потроши 192 милиони евра за засилувања, најмногу за Де Лихт. За Данило на Манчестер сити му беа платени 37 милиони, а за тројца играчи што пристигнаа од италијански тимови, нови 70 милиони евра, за Кристијан Ромеро од Џенова 30 милиони, за Лука Пелегрини од Рома 22 милиони и за Мерих Демирал од Сасуоло 18 милиони. Интер со големи амбиции влегува во новата сезона, што се гледа и од активностите на трансфер-пазарот, односно потрошените 170 милиони евра. Освен Лукаку, Интер ги ангажира Валентино Лазаро од Херта за 22 и Матео Политано од Сасуоло за 20 милиони евра.
Од англиските клубови што летово не беа толку активни како минатите сезони, меѓу поактивните беше најбогатиот, Манчестер јунајтед, со вложени 159 милиони евра. Мегваер од Лестер ги чинеше 87 милиони, а Арон ван-Бисака од Кристал палас 55 милиони. Дел од парите клубот врати со продажбата на Лукаку.
Понатаму, од седмата до 10-та позиција на листата клубови што летово потрошија најмногу пари се Севилја (158 милиони), Арсенал (152 милиони), Астон Вила (148) и Баерн (143 милиони евра).
НАЈГОЛЕМИ ТРАНСФЕРИ ЛЕТОВО
ФУДБАЛЕР ОД КЛУБ-ВО КЛУБ СУМА
Жоао Феликс Бенфика-Атлетико 126
Антоан Гризман Атлетико-Барселона 120
Еден Азар Челси-Реал Мадрид 100
Хари Мегваер Лестер-Манчестер Ј. 87
Николас Пепе Лил-Арсенал 80
сумите се во милиони евра