Англиската јавност е згрозена од однесувањето на нивните навивачи во Приштина, на мечот Косово – Англија (0-4), па сега на потег е Европската куќа на фудбалот, која, пак, треба да покаже принципиелност во донесувањето на своите одлуки, без разлика за кого станува збор

Јавноста во Англија е шокирана поради недоличното однесување на фудбалските навивачи на мечот Косово – Англија, 0-4, во Приштина, во квалификациите за Европското првенство 2020. Англиските навивачи заедно со локалните Албанци пееле погрдни песни на сметка на Србите и на Србија, сето тоа зачинето со нацистички поздрави!
Англискиот спортски новинар Сем Стрит и навивач на Вотфорд, Бразил, Србија и на Аргентина, како што самиот се опишува, на својот твитер-профил објави снимка на која се гледа како англиските навивачи пеат „Србија е растурена каде и да се појави“. На други снимки, пак, се слушаат скандирања „Србите се копилиња“.

– Снимките се од стадионот. Претпоставувам дека УЕФА ќе ги принуди Англичаните првиот меч на ЕП 2020 на „Вембли“ да го играат зад затворени врати. Или, пак, расизам се нарекува само тоа што го прават навивачите во Источна Европа – напиша Стрит на Твитер, чија реакција е храбра и за поздравување во борбата со овие недолични однесувања, без разлика што се работи за навивачи од неговата држава, а секако треба да биде следена и од многу други новинари.
Стрит додава дека голманот на Косово, Аријанет Муриќ, ги обвинил навивачите на Чешка дека го навредувале врз расна основа без тие тврдења да ги поткрепи со докази. Стрит ги повикува сите заинтересирани немилите случувања во Приштина да ги пријават на мрежата „Фер“, која, пак, соработува со УЕФА и се бори против расизмот и дискриминацијата во фудбалот.

„Идиоти“ е насловот на текстот на Сем Морган во весникот „Сан“, со видеоснимки од две кафеани на кои на едната се гледа како некои од англиските навивачи нацистички поздравуваат и пеат „Србите се копилиња, каде и да се“, а на втората „Е… се, Србија“.
Косовските навивачи им се заблагодаруваа на англиските на трибините за помошта од Велика Британија во војната во 1998-та, потоа и за бомбардирањето на Југославија што заврши со „ослободување“ на Косово, напиша Морган во „Сан“.
Шокантните видеа одат во друга крајност и со „љубовните“ сцени пред и за време на мечот. Косоварите ги вееја знамињата со крстот на „Свети Џорџ“, кога се интонираше химната „Господе, чувај ја кралицата“. На една зграда во Приштина имаше и транспарент на кој пишуваше „Добре дојдовте и почит“. Плакатот на кој беше ликот на Рахим Стерлинг, со натпис „Добре дојде, брату“, беше во знак на поддршка по расистичките навреди што ги претрпе во Бугарија, наведува „Сан“.

Англиската јавност, секако и навивачите, со право беше згрозена и ги осудуваше неодамнешните срамни сцени во Софија, на мечот Бугарија – Англија (0-6). Тогаш бугарските навивачи нацистички отпоздравуваа и имитираа мајмунски крици наменети за англиските репрезентативци со потемна боја на кожата. Снимките од Приштина, пак, се доказ за нивното лицемерство, пишува „Сан“.
Како и да е, многу е поневажно кој кому му ги упатил расните и други навреди на спортските терени, туку дали тие еднакво ќе се санкционираат, па макар да доаѓаат и од колепката на фудбалот – Англија, која изминатиот период имаше и најмногу поплаки на своја сметка по ова прашање. Сега, секако, на потег е УЕФА, која, пак, треба да покаже принципиелност во донесувањето на своите одлуки, без разлика за кого станува збор.


Казни за ФС на Србија, Бугарија, Црна Гора…

За слични испади на навивачите во 2012-та, УЕФА го казни Фудбалскиот сојуз (ФС) на Србија со 70.000 евра откако играчите на Англија (до 21 година) беа расистички навредувани. Бугарската федерација беше казнета со 75.000 евра и со играње еден меч (против Чешка во неделата), зад затворени врати, без публика, поради неодамнешните расистички навреди на англиските фудбалери во Софија. По тој повод се јави и британскиот премиер Борис Џонсон, како и министерот за спорт на Англија, Најџел Адамс, кој побара „итна акција“. Во март, на мечот Црна Гора – Англија (1-5) во Подгорица, на нишан на црногорските навивачи беа црномурестите фудбалери на Африка Дени Роуз и Рахим Стерлинг. ФС на Црна Гира беше казнет со еден меч без публика на свој терен и 20.000 евра.


Многубројни реакции и на социјалните мрежи

Снимките би требало да ѝ послужат на Европската фудбалска унија (УЕФА) за изрекување соодветни, високи казни на англиските навивачи, односно на ФА на Англија, затоа што паднаа на испитот по спортски морал.
Во врска со овие случувања имаме многубројни реакции и на социјалните мрежи. „Каде се сега официјалните лица што обвинуваа за расизам и за фашизам? Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) треба за ова ги извести УЕФА и ФИФА“, објави еден корисник. „Некоја реакција во врска со ова или в ред е ако Србија или која било друга земја го стори истото?“, беше друга реакција. Еден корисник напиша: „Најголемите идиоти се од Англија!“.

С.Р.