Квалификации за Конференциската лига
Македонскиот вицешампион Шкупи вечерва славеше против косовски Лапи со 2-0 во првиот меч од квалификациските за Конференциската лига на УЕФА, одигран денеска во Скопје. Кире Маркоски го отвори резултатот во 35-та минута, додека Алварез Рватубаје погоди за конечни 2-0 во самата завршница од мечот.
Силекс од Кратово ремизираше против молдавски Петрокуб 1-1 во рамки на првото квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА. Немаше многу шанси за гол на мечот одигран во Скопје, по многу топло време. Се играше 5-та минута кога Кристијан Додевски го донесе Силекс во водство. Гостите во продолжение создадоа неколку прилики за гол, а во финишот на првиот дел Петрокуб успеа да изедначи со голот на Платица.
Со идентични 1-1 заврши и гостувањето на Стуга Трим Лум против Лиепаја во Летонија. Домашната екипа тргна поофанзивно, правеше притисок и тоа резултираше со водство во 31 минута. Напаѓачот Додо со глава донесе домашна предност од 1-0. Во вториот дел избраниците на тренерот Срѓан Захариевски тргнаа поофанзивно, а наградата за таквата игра стигна во судиското дополнување на мечот кога Бесир Исени со удар со глава донесе израмнување.
Реваншите се играат идниот четврток.