Шкендија ќе игра во квалификациите за фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) идната сезона, откако во саботата ја одбрани титулата првак на Македонија, со победата во 32-то коло на гости кај Работнички со 1-0, со што има недостижна предност на четири кола до крајот на сезонава. Тоа е трета титула за Шкендија (претходно во 2011 и во 2018 година), која со тоа се израмни со Силекс и со Слога Југомагнат. На таа листа води Вардар со 10 титули, втор е Работнички со четири, два трофеја има Победа, а по еден Македонија ЃП и Ренова.
Во квалификациите за Лига Европа за идната сезона ќе игра второпласираниот Вардар, потоа тимот што ќе го освои третото место во Првата лига, за што во трка се Академија Пандев, Шкупи и Ренова, како и победникот на Купот на Македонија (во финалето ќе играат А. Пандев и Македонија ЃП).
Во 32-то коло беа постигнати рекордни 22 гола сезонава во едно коло (4,4 гола по натпревар) и една од највисоките првенствени победи (Ренова – Победа 9-1). Влатко Стојановски со четирите гола на тој меч е првиот фудбалер што по пет и пол години во Првата лига постигнува повеќе од три гола на еден натпревар. Тој сега, со 18 гола, е водечки стрелец сезонава во Првата лига.