Другите македонски претставници, Вардар, Работнички и Шкупи, се збогуваа од Лигата на Европа уште во првото квалификациско коло
За разлика од минатата година, кога Вардар ги израдува љубителите на фудбалот во Македонија со историскиот настап во групната фаза во Лигата на Европа (ЛЕ), годинава им приреди вистинско разочарување. Црвено-црните уште во првото квалификациско коло беа елиминирани од просечниот ерменски клуб Пјуник (0-1 на гости и 0-2 во Скопје), со што македонскиот фудбал остана само со еден европски претставник, и тоа актуелниот шампион на Македонија, тетовска Шкендија, што со сигурност може да се протолкува како назадување на македонскиот фудбал во европски рамки.
к- Имавме неколку шанси за гол, но не успеавме да ги искористиме, а потоа примивме гол што ни ги урна сите надежи. Болен пораз што треба да нѐ отрезни, во однос на лани, кога игравме групи во Лигата на Европа. Ќе следуваат анализи за одиграното… Сепак, во моментов ова е максимумот на клубот – вели Александар Васоски, вардаровиот тренер.
Покрај Вардар, истата судбина годинава во евроквалификациските настапи ја доживеаја и Работнички и Шкупи. Работнички не успеа да оди понатаму во ЛЕ, откако беше елиминиран од унгарски Хонвед (2-1 дома и 0-4 на гости), додека Шкупи беше елиминиран од познатиот шкотски тим Глазгов Ренџерс исто така во квалификациите во ЛЕ (0-2 на гости и 0-0 во Скопје).
За влакно, истото тоа ќе ја снајдеше и Шкендија, која по убедливата победа над велшки ТНС во Скопје (5-0), на возвратниот дуел на гости, пак, беше несфатливо убедливо поразена (0-4). Остварениот впечаток да го поправат, тетовци ќе имаат во второто квалификациско коло против молдавски Шериф, дуели што треба да се одиграат до крајот на месецов.
За разлика од Македонија (освен Црна Гора и Косово), преостанатите фудбалски федерации во регионов имаат повеќе екипи во следното коло. Така, Албанија има два, БиХ, Словенија и Бугарија по три, Србија и Хрватска по четири, додека најмногу клубови има Грција, вкупно пет.