Јас сум многу среќен, благословен сум. Се надевам дека ќе продолжам вака уште долго. Времето поминува многу брзо, затоа сакам да уживам во фудбалот и во семејството, вели Меси
Очекувано, предвидливо, (не)праведно, заслужено. Така би можеле да се сумираат реакциите во повеќето светски медиуми откако Лионел Меси ја доби „златната топка“ на „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер во 2019 година. За Меси (32), кој во септември го доби и признанието на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за најдобар светски фудбалер, тоа беше шеста ваква награда во кариерата. Само три од шесте награди се совпаднаа со триумф во Лигата на шампионите (ЛШ), во 2009, 2011 и 2015-та. Но неподелени се мислењата дека Меси, без сомневање, е најдобриот фудбалер на својата генерација, можеби и на сите времиња, заслужил и повеќе од шест вакви награди.
– Поминаа 10 години откако ја освоив првата „златна топка“ овде во Париз, се сеќавам дека дојдов со моите тројца браќа. Имав 22 години и за мене беше несфатливо низ што минувам. Ова е шеста ваква награда, секоја е поразлична, за мене, за моето семејство, за моите деца. Како што рече мојата сопруга, не смеете никогаш да престанете да сонувате, туку секогаш да работите на подобрување и да продолжите да уживате. Јас сум многу среќен, благословен сум. Се надевам дека ќе продолжам вака уште долго. Пред мене се нови убави години. Времето поминува многу брзо, затоа сакам да уживам во фудбалот и во семејството – изјави Меси, кој годинава постигна 46 гола на 54 меча.
Меси во неделата го одигра 701-от меч во кариерата (против Атлетико, 1-0) и го постигна 614-от гол (плус 239 асистенции). Тој, исто така, постигна 70 гола за Аргентина, многу повеќе од кој било друг, вклучувајќи го и славниот Диего Марадона.
Центархалфот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, беше второпласиран, а Кристијано Роналдо, кој пет пати го добивал ова признание беше трет. Признанието за најдобар млад фудбалер (до 21 година) го доби Матијас де Лихт од Јувентус (до јуни играше за Ајакс), а Алисон Бекер од Ливерпул ја доби нововостановената награда „Лав Јашин“ за најдобар голман. Американката Меган Рапино е прогласена за најдобра фудбалерка на светот за 2019-та. Ваквото признание лани првпат се доделуваше и го доби Норвежанката Ада Хегерберг. Рапино годинава ја освои титулата светски првак, а беше најдобра и најефикасна на Мундијалот во Франција.
Во гласањето учествувале новинари од 176 земји.
Ангеловски: За мене Ван Дајк беше најдобар годинава
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, го избира Вирџил ван Дајк, центархалфот на европскиот првак Ливерпул.
– За мене тој беше најдобар годинава, без конкуренција. Неговиот ефект во освојувањето на европската титула за Ливерпул беше немерлив. Тој го прероди тимот, со него и без него тоа се два различни тима, игра на константно високо ново, без осцилации и ретко паузира. Секоја чест и за Лионел Меси, најдобриот меѓу најдобрите со години, но мислам дека немаше да биде незаслужено доколку признанието завршеше кај Ван Дајк – вели Ангеловски.
Михајлов: Ги занемаруваме оние што играат во одбраната
Ова е престижно признание за секој фудбалер. Изборот на Лионел Меси е најреален, но, сепак, според мене, немаше да биде нелогично и необјективно ако ова признание го добиеше и Вирџил ван Дајк. Тој годинава беше еден од најзабележителните во освојувањето на Лигата на шампионите, потоа во пласманот на Холандија во Лигата на нациите, а го доби и признанието за најдобар играч во Премиер-лигата, најсилната и најквалитетна лига. Мислам дека уште преовладува гледањето кој постигнува гол повеќе, кој има поатрактивен погодок, а ги занемаруваме оние што играат во одбраната. И изборот на Кристијано Роналдо е реален, но пак преовладува популарноста и позицијата на која игра, а сметам дека најмалку пласман меѓу најдобрите тројца требаше да има за еден од двоецот на Ливерпул, Садио Мане, кој ја освои ЛШ и беше втор со Сенегал на првенството на Африка, и Мохамед Салах, вели фудбалскиот стручњак Горазд Михајлов, тренер на прволигашот Борец.
Добитници на признанијата
„Златна топка“, мажи Лионел Меси
„Златна топка“, жени Меган Рапино
„Лав Јашин“, за голман Алисон Бекер
„Копа трофеј“, за млад фудбалер Матијас де Лихт
ДЕКАДА НА ДОМИНАЦИЈА НА МЕСИ И НА РОНАЛДО
2019 Лионел Меси Вирџил ван Дајк Кристијано Роналдо
2018 Лука Модриќ Кристијано Роналдо Антоан Гризман
2017 Кристијано Роналдо Лионел Меси Нејмар
2016 Кристијано Роналдо Лионел Меси Антоан Гризман
2015 Лионел Меси Кристијано Роналдо Нејмар
2014 Кристијано Роналдо Лионел Меси Мануел Ноер
2013 Кристијано Роналдо Лионел Меси Франк Рибери
2012 Лионел Меси Кристијано Роналдо Андрес Иниеста
2011 Лионел Меси Кристијано Роналдо Чави
2010 Лионел Меси Андрес Иниеста Чави
2009 Лионел Меси Кристијано Роналдо Чави
2008 Кристијано Роналдо Лионел Меси Фернандо Торес
2007 Кака Кристијано Роналдо Лионел Меси
НАЈДОБРИ СПОРЕД ЗЕМЈИ
Германија 7
Холандија 7
Португалија 7
Аргентина 6
Франција 6
НАЈДОБРИ СПОРЕД КЛУБОВИ
Барселона 12
Реал Мадрид 11
Јувентус 8
Милан 8
Баерн 5