Ќе играме против многу силни селекции, меѓу кои Холандија е еден од фаворитите. Австрија има свој стил на игра, се држат до тој стил што им помага да постигнуваат добри резултати. Македонија, исто така, е солиден тим, ја победи Германија во квалификациите за СП 2022, што покажува дека се добра селекција, вели украинскиот селектор, Андриј Шевченко
ФУДБАЛ – УКРАИНА Е ЕДЕН ОД РИВАЛИТЕ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020
Украина третпат ќе учествува на европските првенства (ЕП), но првпат по успешно поминати квалификации, откако беа кодомаќини на ЕП 2012 (со Полска), а на ЕП 2016 стигна преку плејофот совладувајќи ја репрезентацијата на Словенија. На претстојното ЕП 2020, Украинците, кои во второто коло играат со Македонија на 17 јуни, се надеваат дека ќе направат нов историски успех со пласман во осминафиналето, во што сите се уверени.
Селекторот Андриј Шевченко во квалификациите ја форсираше формацијата 4-3-3, но има некои индиции дека може да го смени тој систем и да игра со тројца централни дефанзивци, во формација 3-5-2. Но неговиот план на игра се базира врз двајца играчи во средниот ред, Олександар Зинченко, кој игра во одбраната на Манчестер сити, и Руслан Малиновски од Аталанта, на кои ќе им се придружи Тарас Степаненко од Шахтар. Во врвот на нападот е Роман Јаремчук, кој имаше одлична сезона во Гент, потпомогнат од Андриј Јармоленко.
– Нема ограничување за совршенството, секогаш треба да се стремите да бидете подобри. Секогаш барам максимум од себе, секогаш мислам дека можам да играм уште подобро и да придонесам повеќе за мојот тим – вели Малиновски.
Поранешниот славен играч на Милан, Шевченко (44), освојувачот на „златната топка“ во 2004 година, би можел да биде еден од хероите на Украина. Тој одигра 111 натпревари за Украина и постигна 48 гола, но останува да се види дали ќе остави битен белег и како тренер/селектор.
– Првата задача за нашиот тим е да ја помине групната фаза. Ќе играме против многу силни селекции, меѓу кои Холандија е еден од фаворитите. Како и ние и Австрија играше добро во квалификациите, има квалитетни играчи, свој стил на игра, се држат до тој стил што им помага да постигнуваат добри резултати. Македонија, исто така, е солиден тим. Покрај тоа, тие ја победија Германија во квалификациите за СП 2022, што покажува дека се добра селекција. Тоа е тим составен од добри фудбалери, кои секогаш можат добро да одиграат – вели Шевченко.