Шведска се квалификуваа во првото четврт-финале на светските првенства во фудбал (СП) по 1994 година. Во осминафиналето на СП во Русија тие ја совладаа Швајцарија (1-0), која никогаш не победила во нокаут-натпревар на СП, ги загубила сите седум, меѓу кои се последните четири елиминации во осминафиналните пресметки во 1994, 2006, 2014 и 2018 година. Овој пораз беше прв за Швајцарија од октомври 2017 година, кога загуби од Португалија (0-2) во квалификациите за СП.
Швеѓаните сега ги очекува четвртфиналниот меч против Англија што на двете репрезентации, поради поволната ждрепка, им нуди извонредна можност да стигнат до финалето иако пред почетокот на СП не им се даваа големи шанси за такво нешто. Една од овие четири репрезентации, Шведска, Англија, Хрватска или Русија ќе игра во финалето, а ниту една не е меѓу првите 10 на ранг-листата на ФИФА.


На шест меча само два примени гола, двата од Германија

Шведска заврши пред бронзената од СП 2014, Холандија во квалификациската група за пласман на СП во фудбал, потоа го порази четирикратниот светски првак Италија во плејофот (без примен гол) за да стигне до СП 2018. Во Русија Швеѓаните беа први во групата со шампионот Германија што кажува дека воопшто не се за потценување, напротив. Тие немаат екстра ѕвезда во тимот како што е Златан Ибрахимовиќ, на пример, но се крајно борбени, добро организирани и дисциплинирани и, што е најважно, знаат како да победат на важни натпревари. Од баражот за СП досега Шведска прими само два гола на шесте меча, двата од Германија во групната фаза, а ја зачува мрежата на дуелите со Италија (1-0, 0-0), Јужна Кореја (1-0), Мексико (3-0) и со Швајцарија (1-0).