По неколкуте последователни порази на фудбалскиот клуб Пелистер, навивачката грпа „чкембари“ му откажа лојалност на клубот. Таквата своја (не)очекувана одлука тие ја соопштија преку официјално соопштение што го испратија до битолската и македонската спортска јавност.

-Навивачката група „чкембари“ ја информира спортската јавност дека веќе неколку натпревари не го бодри ФК Пелистер од трибините и дека и во иднина нема да се појавува на трибините поради незадоволство од тоа како работи управата на клубот – се вели меѓу другото во соопштението.
Според нив, назначување на директори и фудбалски работници кои немаат никаква организациска способност и знаење за таа функција, носењето на играчи по пријателска линија кои во Втората и Третата лига ја грееја клупата, а во Пелистер се првотимци, нивниот интерес само да добиваат државна плата, без разлика дали водат прволигаш или второлигашки клуб го донесоа клубот до амбисот.

За прв пат во историјата на Пелистер, младинските школи испаднаа од првата лига. Само пред неколку години школата на Пелистер важеше за една од најголемите расадници на фудбалски таленти, а денес е уништена како никогаш претходно.

Во соопштението навивачите наведуваат дека последните информации што ги добиле се дека клубот е тужен преку ФИФА од неколку поранешни фудбалери и дека долговите во меѓувреме пораснаа за 100 отсто. Ако биле зимоска 200.000 евра денес се близу 350 до 400.000 евра.

Во соопштението „чкембарите“ ги повикуваат спонзорите на чувство за одговорност кон преземените обврски. Нивното соопштение завршува со реченицата дека од сите ќе бараат да сносат одговорност за тоа што се случи со ФК Пелистер.

М.М.