Првиот човек на УЕФА е уверен дека брендот на Лигата на шампионите е предобар и верува дека суперлига нема да се случи, барем во скоро време
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, вети дека ќе бидат направени измени во правилата за Финансиски ферплеј (ФФП) по успешната жалба на Манчестер сити до Спортскиот арбитражен суд (САС) во Лозана против двегодишната забрана за играње во Лигата на шампионите (ЛШ) и ја потврди заложбата за борбата против доминацијата на неколкуте суперклубови во фудбалскиот спорт.
Во ексклузивното интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) во Лисабон, Чеферин рече дека недостигот од конкурентска рамнотежа во европските клупски натпреварувања се заканува да го „убие фудбалот“ и ја отфрли идејата за затворена суперлига, нарекувајќи ја „здодевна“.
Чеферин за момент ја стави настрана тековната борба на европскиот фудбал за излегување од корона-кризата и се фокусира на размислувањето за иднината на ФФП.
– Не станува збор само за таа одлука. Финансискиот ферплеј беше многу успешна алатка, бидејќи загубите во европскиот фудбал речиси ги снема. Но ние мора да се модернизираме, да почнеме да размислуваме во која насока ќе се движиме, не само поради овој случај. Времето се менува во секоја индустрија, а фудбалот е многу поразлична работа од она што беше пред 10, камоли пред 20 години – вели Чеферин.
На ниво на ЛШ, најголема промена последната деценија е подемот на клубови со (пре)богати газди, како ПСЖ и Сити, двата клуба што се на завршниот турнир во Лисабон, постоеше веројатност да се сретнат во финалето на 23 август, но тоа пропадна по елиминацијата на „граѓаните“ од Лион (1-3). Чеферин во минатото ја промовираше идејата за „луксузен данок“ за најголемите клубови и за прераспределба на богатството.
– Конкурентската рамнотежа значи дека оние што трошат премногу треба да плаќаат и за оние што немаат што да трошат. На оние што трошат многу пари, ние им дозволуваме да го сторат тоа, но во исто време тие треба да покажат и повеќе солидарност – вели Чеферин.
Чеферин е уверен дека брендот на УЕФА е предобар и верува оти суперлига нема да се случи, барем во скоро време.
– Секоја суперлига со 10, 12 или 24 клуба ќе стане здодевна.
Не гледам дека тоа би успеало. Сега дури и кога ќе ја слушнете химната на Лигата на шампионите, знаете што се случува. Верувајте ми, кога зборувам со големите клубови, има еден клуб што честопати го спомнува тоа, половината од клубовите го споменуваат одвреме-навреме, а другите целосно разбираат дека ова е најдоброто фудбалско натпреварување, со најдобрата спортска конкуренција во светот и јас не го гледам тоа како голема опасност – истакнува Чеферин.