Ливерпул ќе биде крунисан за шампиони во Премиер-лигата, без оглед на тоа како ќе заврши сезоната 2019/2020, според претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин. Ливерпул има предност од 25 поени на врвот на табелата и потребни му се уште шест бода за да ја освои првата титула по пауза од 30 години.
Минатата недела Чеферин предупреди дека тековната сезона би можела „да биде загубена“ доколку натпреварите не продолжат до крајот на јуни. Но дури и да се случи тоа, првиот човек на УЕФА верува дека ќе заврши долгото чекање на Ливерпул на титулата.
– Не гледам начин на кој Ливерпул би можел да остане без титулата. Теоретски, не е готово, но практично Ливерпул е многу блиску до тоа. Доколку не продолжат натпреварите, сепак, ќе треба да се почитуваат постигнатите резултати до прекинот и на тој начин да се утврдат шампионите. И, повторно не гледам сценарио во кое првак не би бил Ливерпул. Разбирам дека навивачите ќе бидат разочарани ако тоа се случи на празен стадион или дури и на маса, но секако верувам дека ќе ја освојат титулата на овој или на друг начин – изјави Чеферин за „Екипа 24“, спортски весник во родната Словенија.