Фото: Игор Бансколиев

Сакаме да организираме одличен фудбалски турнир, но треба да биде повеќе од само тоа. Треба да биде фестивал за секого, кој ги зближува луѓето, вели директорот на турнирот, Филип Лам

ФУДБАЛ

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, рече дека организирањето голем настан, поврзувањето на континентот преку фудбалот и обезбедувањето „зелено ЕП“ се главните цели за Европското првенство (ЕП) во 2024 година, објави УЕФА.
На промовирањето на логото на турнирот во Берлин, Чеферин истакна дека е оптимист оти тоа ќе биде „специјално ЕП“, не само затоа што „ќе биде зелено, многу еколошко и одржливо“.
– Сигурен сум дека заедно ќе го создадеме најголемото ЕП досега. Искрено верувам дека ќе уживаме во незаборавните спомени за три години, во духот на единство и солидарност генерирана од фудбалот, игра што сите ја сакаме – изјави Чеферин.
Слоганот на турнирот е „Обединети од фудбалот“.
– Сакаме да организираме одличен фудбалски турнир, но треба да биде повеќе од само тоа. Треба да биде фестивал за секого, кој ги зближува луѓето и затоа ние тргнавме со овој слоган – вели директорот на турнирот, Филип Лам.
Одржливоста ќе биде во фокусот на ЕП, на помалку од три години.
– Сакаме играчите, тренерите, сите други, секако гледачите, да бидат среќни што доаѓаат во нашата земја и да уживаат во вистинска фестивалска атмосфера. Но исто така, сакаме да влијаеме врз општеството, што значи да се истакнат теми како што се одржливоста, животната средина и општото добро – рече Лам.