Легендата на Барселона и на шпанската фудбалска репрезентација, Чави Хернандес (39), денеска објави дека ова ќе му биде последната сезона во кариерата. Тој рече дека веднаш ќе заплови во тренерските води иако сè уште не знае во кој клуб.
– Мојата тренерска филозофија ќе биде одраз на стилот на Јохан Кројф и на Ла Масија, кои со години се развиваа и беа претставени преку тимот на Барселона. Обожавам да гледам тимови што преземаат иницијатива на теренот, обожавам напаѓачки фудбал. Сакам да се врати суштината на она што го сакавме уште од детските денови – фудбал преку посед на топката – вели Чави, кој оваа сезона ја освои титулата првак на Катар.
Катар ќе има чест да го испрати во фудбалска пензија еден од најинтелигентните играчи на сите времиња.
Чави осум пати беше првак на Шпанија со Барселона, четирипати ја освојуваше Лигата на шампионите, беше светски првак со Шпанија во 2010, а со „фуријата“ ја освојуваше двапати и европската круна, во 2008 и 2012 година.
Чави, меѓу другото, ќе остане запаметен во фудбалскиот свет и како партнер во средината на теренот заедно со феноменалниот Андрес Иниеста.