Барселона на „Ноу Камп“ ја промовираше клупската фудбалска легенда Чави Ернандез во нов шеф на стручниот штаб. Чави по шест години се врати во клубот чиј дрес го носеше од 1997 до 2017 година. Тој е еден од најдобрите и најтрофејните играчи во историјата на каталонскиот клуб. Чави тренерската кариера ја започна во Ал Сад, а во Барселона доаѓа на местото на Роналд Куман.
– За мене е важно што знам како функционира соблекувалната. Серхио Бускетс, Џорди Алба, Марк-Андре Тер Штеген, Џерард Пике и Серхи Роберто ми беа соиграчи. Ќе биде тешко, но јас сакам предизвици, подготвен сум. Целта е да уживам во работата. Им благодарам на навивачите за поддршката – порача Чави.
Поранешниот фудбалер за врска откри дека претходно двапати ја одбил Барселона.
– Два пати ја одбив Барселона, тогаш мислев дека е рано за таков предизвик. Не бев подготвен како што сум сега. Сега е време за најголемиот предизвик во мојата кариера. Враќањето во Барселона беше сон и за моето семејство. Целта секогаш ќе биде борба за трофеите. Денес и е роденден на мојата сопруга, ми даде голем подарок, ова на сите ќе ни ги смени животите – истакна Чави, кој на промоцијата беше пречекан со воодушевување од присутните.
Чави ќе дебитира за две недели, во градското дерби против Еспањол.