„Црвено- белите“ од Белград во плејофот го елиминираа Јанг бојс (1-1 и 2-1) и втора сезона по ред ќе играат во групната фаза натпревари во Лигата на шампиони

Белградска Црвена звезда и загрепски Динамо, екипи од просторите на поранешна СФР Југославија, и грчки Олимпијакос обезбедија пласман во групната фаза натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) за сезоната 2019/2020.
Црвена звезда со елиминацијата на швајцарски Јанг бојс, со двете ремија, во реваншот во Белград, 1-1 и во првиот меч во Берн, 2-2, го повтори ланскиот успех и втора година по ред ќе игра во групната фаза во ЛШ. Динамо по петти пат во последните девет сезони е во групната фаза, откако беше подобар во двомечот од норвешки Розенборг, во реваншот беше 1-1, а во првиот натпревар во Загреб, 2-0. Динамо е вистински специјалист за вакви натпревари, за што сведочи статистиката, која вели дека загрепските „сини“ загубиле само еден од последните 24 квалификациски натпревари во ЛШ (15 победи и осум ремија).
Олимпијакос без поголеми проблеми ја мина плејоф-рундата, совладувајќи го Краснадор, со 2-1 и 4-0. Олимпијакос, слично како и Динамо, нема загубено квалификациски меч во ЛШ, на 16-те натпревари забележал 13 победи и трипати ремизирал.

Од (не)фудбалските случувања, вистинска бура на социјалните мрежи во регионот предизвика макетата тенк што ја поставија навивачите на Црвена звезда, „Делии“, пред стадионот „Рајко Митиќ“ во Белград. Реакциите и полемиките беа крајно спротивставени и се сведуваа на тоа што симболизира тенкот и каква порака испраќа. Веројатно нешто на таа тема ќе каже и УЕФА.
За преостанатите три места (меѓу 32-та тима) синоќа разигруваа Ајакс – Апоел (0-0, прв меч), Клуж – Славија Прага (0-1), Бриж – Ласк (1-0).
Поразените тимови во плејофот натпреварите во европска конкуренција ќе ги продолжат во Лига Европа (ЛЕ).
Ждрепката за составот на групите (осум со по четири тима) ќе се влече во Монако, денеска попладне (18 часот).

Веќе се познати осумте тима што ќе се најдат во првиот „шешир“. Тоа се актуелниот европски првак Ливерпул, победникот во Лига Европа, Челси, и прваците на шесте најдоброрангирани нации, Барселона (Шпанија), Манчестер сити (Англија), Јувентус (Италија), Баерн (Германија), ПСЖ (Франција) и Зенит (Русија). Во групите ќе нема тимови од иста земја, како и од Русија и од Украина.
Првите натпревари по групи се закажани за 17/18 септември.  


Тројца кандидати за признанието на УЕФА – Меси, Роналдо и Ван Дајк

По денешното ждребување за составот на групите во ЛШ за сезоната 2019/2020 ќе бидат доделени и повеќе признанија, меѓу кои највредно е она за најдобар фудбалер за сезоната 2018/2019. Во најтесниот круг на кандидати има тројца фудбалери – Лионел Меси од Барселона, Кристијано Роналдо од Јувентус и Вирџил ван Дајк од Ливерпул.
Наградата за најдобар играч на УЕФА, без оглед на националноста, се доделува врз основа на настапите и постигнувањата во текот на сезоната на сите натпреварувања, на клупско и на меѓународно ниво.
Меси, кој со Барселона ја освои 10-та титула првак на Шпанија, беше најдобриот стрелец во ЛШ, со 12 гола, и добитник на признанието „златна копачка“ за најдобар стрелец во Европа, со 36 погодока. Кристијано Роналдо со Португалија триумфира во Лигата на нациите (ЛН), беше и најефикасен на финалниот турнир, а со Јувентус ја освои првата титула во Серија А. Вирџил ван Дајк беше прогласен за најдобар играч во Премиер-лигата, како и на финалниот натпревар во ЛШ, на кој Ливерпул го совлада Тотенхем и ја освои шестата титула првак на Европа. Ван Дајк со Ливерпул триумфира и во Суперкупот.