Фудбалерите на Шпанија се првите полуфиналисти на Европското првенство откако славеа против Швајцарија по подобро изведување на пенали во денешниот четвртфинален меч во Санкт Петербург. Мечот заврши 1-1 по 120 минути игра, по што избраниците на Луис Енрике погодија три удари од белата точка, а нивните противници само еден.
Шпанија дојде во водство преку автоголот на Денис Захарија во осмата минута, додека Џердан Шаќири израмни во 68-та минута. Швајцарија остана со фудбалер помалку на теренот откако Ремо Фројлер доби црвен картон во 77-та минута поради остар старт.
„Црвената фурија“ стана шестата репрезентација што успеала да избори понатамошен пласман по два меча од нокаут-фазата што стигнале до продолженија или пенали на ист континентален турнир. Претходните пет селекции што оствариле ваков подвиг станале и европски прваци. Шпанија во претходната рунда беше подобра од Хрватска со 5-3 по продолженија.
Шпанците во полуфиналето во вторник ќе се соочат со победникот од вечерашниот дуел помеѓу Италија и Белгија.