Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Норвежанецот Холанд, постигна 16 гола на само 12 натпревари во ЛШ, повеќе од кого било во историјата на ова натпреварување на толкава бројка натпревари
ФУДБАЛ
Челси, Севилја, Барселона и Јувентус се првите четири екипи што се пласираа во осминафиналето сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. На првите осум натпревари од 4-то коло беа постигнати 26 гола, повеќе од три по натпревар.
Борусија Дортмунд го совлада Бриж со 3-0, а младиот 20-годишен Норвежанец, Ерлинг Холанд, постигна два гола и ја продолжи одличната голгетерска форма во ЛШ. Холанд постигна 16 гола на само 12 натпревари во ЛШ, повеќе од кого било во историјата на ова натпреварување на толкава бројка натпревари. На седумте претходни натпревари во сите натпреварувања тој постигна 12 гола. Фудбалерите на Борусија сезонава на 14 меча постигнаа 34 гола. На четири натпревари против белгиски екипи Холанд постигна осум гола, а лани на мечот Салцбург – Генк (6-2) стана најмладиот фудбалер што постигнал хет-трик во ЛШ.
Пласманот на Челси во нокаут-фазата на мечот против Рен (2-1) му го завери Оливие Жиру со голот во судиското дополнување на времето, за него прв во ова натпреварување од ноември 2016 година. Жиру е четвртиот играч што постигнал гол за Челси и за Арсенал во ЛШ, покрај Николас Анелка, Сеск Фабрегас и Вилиам Галас. Челси, кој е непоразен на последните 13 натпревари во сите конкуренции, и по 16-ти пат на 17-те настапи во ЛШ е во осминафиналето (не успеа само во сезоната 2012/2013).
Севилја, победникот во Лига Европа (ЛЕ) во минатата сезона, триумфира над Краснодар со 2-1 и ја продолжи успешната серија гостувања во ЛШ, со две победи и три ремија на претходните пет меча.
Барселона, иако без Лионел Меси, Жерар Пике, Серхио Бускетс и без Ансу Фати, со Френки де Јонг и со Антоан Гризман на клупата за резерви, немаше проблеми на гостувањето во Киев победувајќи го Динамо со 4-0. Каталонците, кои ја имаа најмладата стартна постава (24 години) во ЛШ во минатите девет години, 17-та сезона во низа се меѓу најдобрите 16 тима во ова натпреварување.
Јувентус со головите на Кристијано Роналдо (749-ти во кариерата во сите натпреварувања) и на Алваро Мората во 90-та минута забележа победа над Ференцварош (2-1) и седма сезона во низа е во осминафиналето на ЛШ.
– Во Лигата на шампионите секоја екипа има квалитет, како во одбраната, така и во нападот. Секој натпревар е одлучувачки, секој тим може да биде опасен, затоа сме многу среќни што победивме. Следната цел е да се тркаме со Барселона за првото место во групата – изјави Мората, кој постигна пет гола на четирите меча сезонава во ЛШ.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, 4. КОЛО
Група Е: Краснодар – Севилја 1-2, Рен – Челси 1-2. Табела: Челси и Севилја по 10, Крансодар и Рен по 1 бод. Идно коло (2.12): Краснодар – Рен, Севилја – Челси.
Група Ф: Борусија Д. – Бриж 3-0, Лацио – Зенит 3-1. Табела: Борусија 9, Лацио 8, Бриж 4, Зенит 1. Идно коло: Борусија – Лацио, Бриж – Зенит.
Група Г: Динамо К. – Барселона 0-4, Јувентус – Ференцварош 2-1. Табела: Барселона 12, Јувентус 9, Динамо и Ференцварош по 1. Идно коло: Ференцварош – Барселона, Јувентус – Динамо.
Група Х: Манчестер Ј. – Башакшехир 4-1, ПСЖ – Лајпциг 1-0. Табела: Манчестер ј. 9, ПСЖ и Лајпциг по 6, Башакшехир 3. Идно коло: Башакшехир – Лајпциг, Манчестер ј. – ПСЖ.