Како клучни играчи УЕФА ги издвојува Депај (54 настапи, 19 гола) и Вајналдум (62 меча, 15 погодоци), а во историјата на холандската селекција, која на ЕП победи еднаш и играше во полуфиналето уште трипати, како голови за паметење ги наведува волејот на Ван Бастен во финалето на ЕП 1988, погодокот по контранападот како за учебник на првенството во 2008 година… Македонија и Холандија треба да играат на 21 јуни во Амстердам, во третото коло на групата Ц
ФУДБАЛ – УЕФА ГИ ПРЕТСТАВУВА УЧЕСНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ГОДИНАВА
На околу 125 дена до почетокот на Европското првенство (ЕП), Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ја претстави репрезентацијата на Холандија, еден од трите ривали на македонската селекција на континенталното првенство летово, во групата Ц, во која се и Австрија и Украина.
Холандија остави силен печат на претходните ЕП, победувајќи еднаш и стигнувајќи до полуфиналето уште трипати. Триумфалниот тим од 1988 година, кој беше составен од играчи на тогашниот европски првак ПСВ Ајндховен и големото трио на Милан, Марко ван Бастен, Руд Гулит и Франк Рајкард, беше уживање да се гледа, пишува меѓу другото УЕФА.
Како клучни играчи УЕФА ги издвојува Мемфис Депај (54 настапи, 19 гола) и Георгинио Вајналдум (62 настапи, 15 погодоци). Напаѓачот на Лион, Депај, беше одлучувачки за „портокаловите“ со голови и со асистенции. Тој не секогаш го прави очигледниот избор или ја фаворизира најлесната опција, но нема сомнение дека нападот на Холандија е многу поефикасен кога тој е дел од него, а централниот плејмејкер на Ливерпул, Вајналдум, носи елеганција, цврстина, движење и вештина во холандскиот среден ред, а особено неговото речиси телепатско разбирање со Мемфис донесе голем успех за репрезентацијата, пишува УЕФА.
Во историјата на холандската селекција како голови за паметење УЕФА издвојува неколку. Волшебното додавање на Адри ван Тигелен во финалето на ЕП 1988 првично изгледаше премногу долго за Ван Бастен да го стигне. Она што следуваше беше еден од најубавите голови што некогаш биле видени во големото финале. За време на натпреварот од групната фаза против светскиот шампион Италија на ЕП 2008, Џовани ван Бронхорст расчисти корнер на Андреа Пирло од линијата. Неколку секунди подоцна, холандскиот лев бек истрча напред, за да асистира во контранападот како за учебник, кој во гол го претвори Весли Снајдер итн.
Најмногу настапи на континенталните првенства за Холандија има Едвин ван дер Сар, 16, а потоа следуваат Денис Бергкамп и Филип Коку со по 13, Едгар Давидс со 12 меча итн. На листата на стрелците на ЕП кај Холандија водат Патрик Клајверт и Руд ван Нистелрој со по шест гола, пред Ван Бастен со пет, Бергкамп со четири погодока… УЕФА издвојува и еден интересен факт, Жорди Кројф постигна повеќе голови на европските првенства (еден) од неговиот татко Јохан (ниту еден).
Македонија и Холандија треба да играат на 21 јуни во Амстердам, во третото коло на групата Ц.
Дали сте знаеле?
- Голот на Вим Кифт против Р. Ирска на Европското првенство (ЕП) во 1988 година беше првиот погодок со глава на Холандија на едно ЕП.
- Ударот на Кифт беше единствениот од осумте постигнати гола на Холанѓаните на ЕП 1988 што не беше постигнат или асиситиран од Марко ван Бастен.
- Во 1971 година, Холандија, и покрај тоа што претежно се состоеше од фудбалери од актуелниот (Ајакс) и од претходниот (Феенорд) европски шампион, не успеа да се пласира на ЕП 1972.