Комисијата за избори и верификација при Фудбалската федарација на Македонија (ФФМ) одби три од вкупно четирите кандидатури за нов претседател.
Од ФФМ наведуваат дека откако биле разгледани доставените кандидатури е утврдено дека само кандидатура на ОФС Кавадарци за Сашко Тасев се прифаќа бидејќи предложениот кандидат ги исполнувал општите и посебниот услов од статутот на Фудбалска федерација на Македонија.
Останатите три кандидатури на ОФС Неготино и ОФС Ресен за Харалампие Хаџи Ристески, на ОФС Тетово за Влатко Костов и на ОФС Куманово за Вујадин Станојковиќ не се прифаќаат бидејќи кандидатите не го исполнувале посебниот услов за кандидат за претседател утврден од статутот на ФФМ.
Управниот одбор на ФФМ вонредната седница за избор на претседател ја закажа за 1 септември.
Претходно, Илчо Ѓорѓиоски се повлече од претседателската функција во ФФМ и соопшти дека кариерата ќе ја продолжи во УЕФА.