Младиот македонски репрезентативец Елиф Елмас (20), играчот на италијанскиот Наполи со кого се пласира во осминафиналето на Лигата на шампиони (ЛШ), е добитник на признанието за најдобар македонски фудбалер интернационалец што го доделува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). На пригодната свеченост во Македонскиот народен театар беа доделени и други награди и признанија во повеќе категории за најдобрите во македонскиот фудбал за сезоната 2018/2019.
Специјално признание за придонес во македонскиот фудбал доби Стефан Ристовски, член на португалскиот Спортинг, а признанието за најдобар фудбалер во Првата лига на Македонија (МФЛ) го доби репрезентативецот, играч на тетовска Шкендија, Висар Муслиу. Најдобар стрелец во МФЛ е поранешниот фудбалер на Ренова Влатко Стојановски, кој сега настапува за француски Ним. За најдобар тренер во МФЛ беше прогласен Југослав Тренчовски од Академија Пандев од Струмица.
Во младинска категорија, признанието за најдобар играч му припадна на Џемал Ибиши од Вардар, за најдобра фудбалерка беше прогласена Ленче Андреева од Драгон, а за најдобар тренер Филип Деспотовски од Вардар. Во футсал, признанието за најдобар фудбалер го доби Таулант Исмаили, а за најдобар тренер Зоран Лекиќ. Најдобар судија е Марјан Гоцевски од Струмица.
Признанија добија и истакнати спортски работници за придонесот во развојот на македонскиот фудбал, судијката Ивана Пројковска, долгогодишниот новинар во МРТВ, сега во пензија, Атанас Костовски и постхумно, Брацо Вујчиќ. Л.Д.