Нов трилер-меч на Лидс, Алиоски дебитира во Премиер-лигата Македонскиот репрезентативец Алиоски влезе во игра во 70. минута на мечот Лидс – Фулам 4-3
Два меча, 14 гола и многу драматични моменти го одбележаа враќањето на Лидс во англиската фудбалска Премиер-лига по 16-годишна пауза. Во првото коло Лидс загуби на гости од првакот Ливерпул со 3-4, а во второто, на домашен терен, го совлада Фулам со 4-3. Толку голови, 14, во првите две кола во најсилната лига на Англија последен пат биле постигнати на натпревари на Вулверхемтон, во сезоната 1962/1963. Седум гола, пак, меѓу два новопромовирани тима во најсилната лига претходен пат биле постигнати во 2003 година, на мечот Вулверхемтон – Лестер, исто така 4-3.
– Ова нема да се случува цела сезона. Ќе биде многу тешко да се одржи ефикасноста што ја имавме на првите два натпревара. Карактеристика на нашата игра е да создадеме што повеќе шанси за гол. Имавме два многу различни натпревари.
Против Ливерпул се обидовме да бидеме блиску до многу голем ривал, а против Фулам се обидовме да не бидеме фатени – изјави Марсело Биелса, менаџерот на Лидс за „Би-би-си“.
Македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски во редовите на Лидс дебитира во Премиер-лигата, влегувајќи во игра во 70. минута. Со тоа тој им се придружи на Ѓорги Христов, во Барнсли во сезоната 1997/1998, Гоце Седлоски во Шефилд венсдеј во 1997/1998, Артим Шаќири во ВБА во 2004/2005 и на Горан Попов во ВБА, од 2012 до 2014-та.