Покрај фудбалска, Попев изгради и една извонредна судиска кариера. Како делител на правдата со знакот на ФИФА судеше на две ЕП за фудбалери до 21 година, потоа четири финални натпревари за Купот на Југославија и првото финале на Купот на Македонија. Тој ја почувствува и убавината да се биде делител на правдата на „Сантијаго Бернабеу“, на мечот Реал – Ксамакс

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (160)

За Гоце Попев како фудбалер, кој почна во школата на Вардар, за потоа да заигра за Работнички, Победа и за Куманово, пишував минатата недела. Но она што беше најзначајно за него, како фудбалска личност со високо место во светот на судиската фела, ќе читате денеска.
– Сета моја младост му ја посветив на фудбалот, но не сонував дека својот врв на фудбалскиот терен ќе го доживеам како меѓународен судија. И денес сум горд на она што го постигнав, а како дојде до тоа играчкиот да го сменам со судискиот дрес, не само што беше случајно туку и многу интересно – вели Попев.

ЗОШТО НЕ ДОЈДЕШ ДА СУДИШ?

Вообичаено е фудбалските судии, кои пред почетокот на секоја сезона полагаат испит на знаење и на издржливост, да тренираат и да ја одржуваат својата форма. Скопските судии најчесто тие тренинзи ги изведуваа на Градскиот стадион, каде што можеа да контролираат на 400-метарската патека колкава километража поминале и евентуално уште колку им останува да истрчаат.
– Често ги гледав кога одев на тренинг, некогаш се задржував и правев муабет со нив. Но во тие моменти не ни помислував дека еден ден и јас ќе им се приклучам, сѐ дотогаш кога вака гледајќи ги не дојде до мене познатиот судија Ѓоко Симоновски-Кинез и не ми рече: Гоце, ја завршуваш кариерата, зошто не дојдеш и ти со нас, да тренираш и еден ден да станеш судија? Ова малку ме заскокотка и си помислив, навистина зошто, кога сета младост му ја посветив на фудбалот, зошто сега да не станам судија. Така, и покрај годините, и понатаму ќе останам во фудбалот – вели Попев.

Не помина долго време, а веќе Попев ѝ се приклучи на групата судии во која, покрај Симоновски, беше и Стрезо Трпковски. Во тој период вакви тренинзи изведуваа и Маџоски во Прилеп, Манојловски во Тетово, Попов во Велес и уште десетина од други градови во Македонија.
– Тренирав и си мислев дали еден ден и јас ќе станам како нив. Што се однесува до кондицијата, не ми беше проблем, зашто штотуку се имав откажано од активното играње, требаше само да ја совладам теоријата и да го положам испитот. Со сесрдна помош на сите што ги споменав, го положив испитот и тргнав по судискиот пат. Претходно како млад фудбалер имав слушано за Борче Неделковски и за Трајан Ивановски, двајцата најпознати наши арбитри во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, а посакував да станам, кога веќе ќе запловам во судиските води, како бардот на македонското и на југословенското судење Перула Костовски. Тој не само што ми беше идол туку ми беше и ментор и пријател. Перула, со кого често седевме во популарната „Идадија“ и зборувавме за фудбалот и за животот воопшто, навистина беше голем човек. Своето искуство им го пренесуваше на помладите, па, така, и јас црпев многу од она што ќе го кажеше тој. На моменти, кога ќе се случеше некоја компликувана ситуација на теренот, често ќе се присетев на неговите зборови и ќе изреагирав онака како што тој ме подучуваше. На крајот, сѐ ќе излезеше онака како што посакував – вели Попев.

ДА МУ СУДИШ НА РЕАЛ, ТОА Е ДОЖИВУВАЊЕ

Попев како судија брзо напредуваше. Откако успешно ја делеше правдата во МФЛ, со крупни чекори одеше кон југословенскиот врв. Таму околу три и пол години беше судија во Втора лига, за потоа, значи по 6-7 години во МФЛ и во Втората лига, да се најде и на списокот на арбитри за водење на прволигашките натпревари. Потоа, со оглед на своите квалитети, во 1985 година стигна и до знакот на ФИФА. Стана судија кого сите го посакуваа, не само на терените во поранешната држава туку и на меѓународната сцена.

– Како резултат на сето тоа што го покажував на теренот, каде што настојував да бидам максимално објективен, челниците на УЕФА ме определија да судам на две завршници на европските првенства за фудбалери до 21 година, прво во Франција, а потоа и во Чехословачка. Во меѓувреме судев и неколку меѓународни натпревари, од кои во најголемо сеќавање ми остана оној на познатиот мадридски стадион „Сантијаго Бернабеу“, каде што ја делев правдата заедно со Пољак и со З. Петровиќ. Да му судиш на фудбалскиот гигант Реал не само што беше признание туку и голема чест за еден млад судија. Ја имав таа среќа да истрчам на теренот на легендарниот стадион и да бидам еден од актерите на мечот помеѓу Реал и Ксамакс. Тоа доживување не може никогаш да се избрише, тоа за мене беше нешто величествено. Да си на теренот покрај толку големи ѕвезди и да имаш комуникација со нив, тоа ретко се случува – вели Попев.
Попев раскажа и еден интересен детаљ од гостувањето во Мадрид.
– Таму, од почетокот до крајот на нашиот престој во главниот шпански град, бевме во придружба само на еден човек. Тој беше задолжен сѐ да организира, а од она што беше значајно, ни обезбеди средба и со славниот фудбалер на Реал и на шпанската репрезентација Амансио – вели Попев.

УПЛАШЕНИОТ ЈУСУФИ, ШАРМЕРОТ ЌИРО

Од натпреварите на домашната сцена има многу доживувања од пречеците и од средбите со познати личности. Сепак, Попев посебно се сеќава на едно судење во Зеница.
– Таму тренер беше Јусуфи, кој на натпреварот што требаше јас да го судам всушност дебитира. Јас како дете, пак, трчав да менувам сликички на кои беа тогашните фудбалски ѕвезди, меѓу кои беше и онаа на легендарниот бек на Партизан и на југословенската репрезентација Фахрудин Јусуфи. Овој пат бекот како што го познавав не беше оној стариот, беше некако уплашен, повлечен во себе, одвај ќе прозбореше нешто. Почувствував дека е преплашен пред дебито на кормилото на Челик. Дури и на вечерата, кога во кафеаната се запеа „Битола, мој роден крај“ и „Ој, Вардаре, македонски“ Јусуфи уста не отвори. Беше „стресен“ пред дебитантскиот настап. За негова среќа, другиот ден го доби мечот со 1-0 и дури потоа беше оној вистинскиот, весел и расположен, среќен за дебитантската победа, полн со фалби за моето судење – се сеќава Попев.

Интересна е уште една приказна, овој пат врзана за големиот фудбалски шармер, кој секогаш наоѓа начин да биде во центарот на вниманието – Ќиро Блажевиќ.
– Во две гостувања на Динамо во Белград, кога јас бев судија, загрепчаните беа поразени. Тренерот Блажевиќ сета вина за поразите ја бараше кај судиите. Дрвја и камења особено фрлаше на мене, како јас да бев главен виновник за поразите на неговата екипа. Но веќе следната недела по вториот пораз во Белград, повторно требаше да му судам на Динамо, овој пат на „Максимир“ во Загреб. Цела недела пред натпреварот секретарката на клубот упорно ме бараше, јас упорно молчев и не се јавував.

Знаев што е работата и, како и пред секој натпревар, се подготвував и за овој, иако знаев дека сѐ не може да помине така и ќе се случи нешто како шоу. И навистина беше така. Кога пристигнав со авион во Загреб, стјуардесата објави: сите патници, дури и оние што требаше да продолжат за Франкфурт, да излезат од авионот, а да остане само Гоце Попев. Веќе ми стана јасно дека е ова масло на Ќиро, кој потоа влезе во авионот, се упати кон мене, ги рашири рацете и ми рече: „Па, каде си пријателе, добро ни дојде“. Што можев друго да направам, се поздравив како ништо да не се случило претходно. Големиот шармер си ја знаеше работата, па вечерта дури и заедно отидовме на кошаркарската средба Цибона – Задар.

Во салата влеговме на самиот почеток. И тоа му беше смислено и дел од неговото шоу. Тој беше во центарот на вниманието и со овации беше поздравен од гледачите. На вечерата, пак, по натпреварот ме запозна со неговиот син Здравко и со ќерката Неда, всушност Чолиќ и Украден. Ете, дотаму одеше шармерот Ќиро – раскажува Гоце Попев.
Судиската кариера Гоце Попев ја заврши во сезоната 1991/1992, кога се распаѓаше поранешната држава, а и нејзината Прва фудбалска лига.
– Еден од последните натпревари на кои судев пред распадот на СФРЈ беше Пелистер – Црвена звезда, 0-2, одигран во Битола. Чест ми беше што бев главен арбитер и на првото финале на Купот на самостојна Македонија помеѓу Вардар и Пелистер, 1-0 – вели Попев.
Потоа, Гоце Попев беше контролор на судењето во Македонската лига, а кога и тоа помина, сега најрадосен е кога е во друштво на внуката Ана, идна тенисерка, и внукот Лука, иден фудбалер, а можеби подоцна и тој фудбалски судија.