По една третина од сезоните во петте најсилни фудбалски првенства, покрај очекуваните резултати, има и позитивни изненадувања, а некои од нив сезонава се вратија во највисокиот ранг на натпреварување
Парите во современиот фудбал во голема мера го одредуваат крајниот редослед на екипите на табелата, но постојат и клубови што се спротивставуваат на ова клише, односно претставуваат пријатни изненадувања, што секако е добро за фудбалот воопшто. Така е и сезонава во најатрактивните пет европски фудбалски лиги. По една третина од сезоните во националните првенства, покрај очекуваните резултати, има и позитивни изненадувања.
Така, во англиската Премиер-лига има две пријатни изненадувања. Тоа се новиот премиерлигаш Шефилд јунајтед, кој по 12-то коло е на петтото место (17 бода), како и Лестер, кој лани беше деветти и е предводен од најефикасниот стрелец Џејми Варди, е втор со шест бода заостанување од водечкиот Ливерпул (34). Во сезоната 2015/2016 Лестер приреди една од најголемите сензации во историјата на фудбалот, откако избори опстанок во претходната сезона, во следната ја освои титулата под водство на менаџерот Клаудио Раниери. Засега разочараа Арсенал и Манчестер јунајтед, на шестото (17 бода), односно седмото место (16). Нововлезените Астон Вила (17. место) и Норич (последен 20-ти) ќе имаат тешка задача до крајот на сезоната.
Во германската Бундес-лига, по 11. коло, аплаузите се наменети за водечката Борусија Менхенгладбах, која со 25 бода им пркоси на Лајпциг и на Баерн (со по 21 бод), предводена од тренерот Марк Росе и играчите Маркус Турам, Патрик Херман, Брел Ембомо. Тука, секако, е и Фрајбург, клубот што често се бори за опстанок, а годинава изненади со почетокот и моментно е четврти со 21 бод (лани беше 13-ти). Предводен од искусниот стрелец Нилс Петерсон, Фрајбург неодамна го совлада Лајпциг со 2-1.
Во Француското првенство по 13-то коло повторно доминира шампионот ПСЖ, а пријатно изненадување претставува Анже, кој е на третата позиција со 21 бод (лани беше 13-ти), а разочарување Лион, кој е дури 14-ти со 16 бода (лани беше трет и игра во Лигата на шампионите). Во почетокот добро напредуваше и Нант, но по петте последователни порази падна на деветтото место (19 бода). Новите прволигаши Брест и Ница се на 12-то, односно 13-то место, со по 17 бода.
По 12 кола во шпанската Ла лига, пријатно изненади новиот прволигаш Гранада, кој е на осмото место со 20 бода (пет помалку од водечките Барселона и Реал Мадрид), предводени од Роберто Солдадо, Адриан Рамос и Антонио Пуертас. Не заостанува ни Реал Сосиедад, кој моментно е петти, со 23 бода (лани беше деветти), предводени од Микел Ојарзабал, Мартин Одегард, Вилијам Хозе и Микел Мерино. Од новаците, Осасуна е осма, а Мајорка 16-та.
Во италијанската Серија А, по 12. коло, пријатно изненадување е Каљари, кој е четврти, со 24 бода (лани беше 15-ти). На врвот повторно доминира Јувентус (32 бода), пред Интер, со еден бод помалку. Новите прволигаши се со различен пласман, од Верона на 10-то место, Лече на 16-то и последнопласираната Бреша (7). Возбудувањата во сите три лиги допрва претстојат.